„Северна Македонија е клучен партнер во обезбедувањето просперитетна иднина и стабилност за целиот регион на Западен Балкан“, порачал италијанскиот министер за надворешни работи пред утрешната посета на земјава
Шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани утре ќе биде во официјална посета на С Македонија, информираа денеска од Амбасадата на Италија. За време на посетата, Тајани ќе се сретне со претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, собранискиот спикер Африм Гаши и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
„Северна Македонија е клучен партнер во обезбедувањето просперитетна иднина и стабилност за целиот регион на Западен Балкан. Работиме на надминување на секоја пречка на патот на Скопје за пристапување кон ЕУ. Има многу голем потенцијал за дополнително зајакнување на нашите билатерални односи почнувајќи од соработката во стратешките и секторите со висока додадена вредност“,
изјавил Тајани пред утрешната посета на Скопје.
Освен во земјава, вицепремиерот и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија утре ќе биде и во официјална посета на Црна Гора.
Средбите кои Тајани ќе ги оствари со државниот врв на двете земји, како што додаваат од италијанската амбасада во земјава, се потврда на континуираната посветеност на Италија за развој и стабилност и стремежот за европската интеграција на регионот на Западен Балкан.
„Западен Балкан е приоритет на нашата надворешна политика на која посветуваме постојано внимание, исто така и на мултилатерално ниво, претседавајќи со групата ‘Пријатели на Западниот Балкан’, со која повторно ќе се сретнам во Њујорк за неколку дена. Со мисиите и бизнис форумите што се одржуваат со сите земји од регионот отвораме нови патишта за зајакнување на извозот и инвестициите на италијанските компании“,
додал во изјавата италијанскиот министер.