Македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија нагласил дека новата влада ги знае обврските што следуваат со процесот на интеграција и дека посветено ќе работи на спроведување на неопходните реформи
Поддршка за евроинтеграциите на С Македонија и неопходност од нивно забрзување изразил шпанскиот министер за надворешни работи, Европска унија и соработка, Хозе Мануел Албарес Буено на денешната средба со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски кој е во работна посета на Мадрид.
Шпанскиот министер ова го истакнал зборувајќи за реформите кои во изминатиот период ги спроведе земјава, а, како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, тој изразил и задоволство за цврстото партнерство во НАТО и придонесот што Република Северна Македонија го дава во контекст на регионалната стабилност.
Муцунски, од своја страна, го запознал својот шпански колега со преструктуирањето на Министерството, новите надлежности, можностите за инвестирање во државата и потенцијалот за продлабочување на соработката во повеќе области.
„Потенцирајќи ја важноста на политичката поддршка за интеграциите, министерот Муцунски изрази благодарност за недвосмислена заложба на Шпанија за евроинтеграциите на нашата држава, како и задоволство на цврстото партнерство во рамки на НАТО Алијансата“,
се вели во соопштението од Министерството за средбата.
Говорејќи за евроинтеграциите на земјава, Муцунски нагласил дека новата влада ги знае обврските што следуваат со процесот на интеграција и дека посветено ќе работи на спроведување на неопходните реформи.
На средбата, како што информираат од Министерството станало збор и за организирање на бизнис форум на кој ќе се разгледаат можностите за економска соработка помеѓу двете земји.
„Двајцата министри се согласија дека политичките и дипломатски односи помеѓу двете земји и во иднина ќе продолжат да се градат во духот на разбирањето и пријателството. Во таа насока, во следниот период двете страни ќе работат на унапредување на економската и културната соработка, промоција на спортската дипломатија, а со посебно внимание ќе се разгледа и можноста за воведување директна авиолинија помеѓу двете земји“,
се наведува во соопштението.
Воениот конфликт во Украина и политичката состојба во регионот биле дел од останатите теми за кои двајцата министри размениле мислења.
Инаку, Северна Македонија и Кралството Шпанија годинава одбележуваат јубилејни 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
Во рамките на посетата на Мадрид, предвидено е Муцунски да се сретне и со членови на комисијата за надворешна политика на Сенатот на Шпанија, со потпретседателот на шпанската конфедерација на бизниси, Иниго Фернандез де Меса.
Дополнително, според агендата, министерот треба да има и свое обраќање на Кралскиот институт „Ел Кано“ на тема: „ЕУ интеграции како императив за безбедност, стабилност и развој на регионот на земјите од Западен Балкан”. Покрај тоа планирано е Муцунски да присуствува на свечен прием организиран по повод 8 Септември – Денот на независноста.