Шекеринска: Ако Каракачанов сака да биде Македонец, нека повели

За да се постигне договор со Бугарија, потребно е да има желба на двете страни. Во владата и во државава, таква желба има. Доколку и во Бугарија постои барем половина од таа желба, проблемот ќе се реши. Во меѓувреме, енергијата не треба да ни ја одземаат изјавите како оние на Каракачанов – изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска во „Тема на денот“ на дневникот на ТВ „Сител“.

Во однос на изјавите на нејзиниот бугарски колега околу наводното бугарско потекло на нејзиното семејство, Шекеринска порача дека е сигурна во себе и во својот идентитет:

„Јас сум горда и сигурна во себе и во својот идентитет, во своите не само македонски корени, туку и во својата македонска изворна идентификација. Нема што јас да дискутирам со Каракачанов за тоа која сум и што сум. Ако тој сака да биде Македонец, нека повели. Меѓутоа нашето право е наше право“, порача вицепремиерката.

Таа посочи дека сепак на моменти им се посветува премногу внимание на таквите изјави кои, според неа, се дел од бугарскиот предизборен „фолклор“ и ќе траат сѐ до изборите, а можеби ќе продолжат и по нив. Тоа, вели Шекеринска, не ни е од полза.

Прочитајте и:  Сиљановска Давкова лично и го честиташе изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО

„Тој што е сигурен во себе, во својот идентитет, во своите права, во својот јазик, нема потреба толку да се пени и да се објаснува. Јас барем тоа така го чувствувам“, рече министерката, оценувајќи дека македонската страна покажува многу поумно и многу посигурно размислување отколку другата страна.

„Едно останува, или овде ќе се однесуваме европски, македонски, бугарски – паметно, или ќе продолжат таквите политички навики да ни го трошат времето. Ние не сакаме да им го трошиме времето на нашите граѓани“, додаде Шекеринска алудирајќи на нејзиниот бугарски колега, кој пред некој ден, на пример, повтори дека не треба да има омраза меѓу Македонците и Бугарите, затоа што биле „еден народ“.

- Реклама -