Шекеринска: Со четвртиот пакет мерки, домашна картичка ќе добијат и пензионерите со ниски пензии и невработените што не се пријавувале

„Според сегашното темпо на зголемување на минималната плата и земајќи предвид дека за време на епидемијата успеавме минималната плата да ја зачуваме на исто ниво, целта ни е минималната плата во следниот четиригодишен период да порасне на 20.000 денари“, изјави носителката на кандидатската листа на коалицијата „Можеме“ во изборната единица 5 – заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска во Дебар.

Како што СДСМ успеала да ја покачи минималната плата од 9 на 14.5 илјади денари, истакна таа, така нема дилеми дека ќе може уште повеќе и уште подобро и минималната плата, до крајот на новиот мандат, да изнесува 20 илјади денари. Заедно со минималната плата, додаде Шекеринска, ќе расте и просечната плата, а нивната цел е на крајот на мандатот таа да изнесува 34.000 денари.

„За да го постигнеме ова ќе ја зголемиме финансиската помош која што ќе ја насочиме кон нашите компании. Тие ќе можат да сметаат на 600 милиони евра поддршка, од кои 300 ќе влегуваат од државниот буџет, а 300 од европските фондови, а 2.2 милијарди евра ќе се насочат во јавни инвестиции“, нагласи Шекеринска.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

„Со Четвртиот пакет предвидуваме кредитните картички кои сега беа на располагање на одредни категории на граѓани да ги прошириме и да опфатат уште две групи и тоа: невработени лица кои не се пријавувале секој месец во агенцијата за вработување и втората категорија ќе бидат сите пензионери, со пензии под 15.000 денари“, најави заменик претседателката на СДСМ.

Според неа, СДСМ во периодот на најтешката пандемија покажала дека знае да обезбеди силна здравствена заштита, но и обезбедила 550 милиони евра само во трите сета економски мерки и не дозволила да запрат со работење и да ги заклучат вратите многу фирми.

„Денеска и во Дебар имав прилика да разговарам со многу сопственици на мали фирми, дуќани и сите без исклучок кажаа дека оние кои ги задоволувале условите, без ниту еден збор, без ниту еден притисок, без ниту еден видлив или невидлив услов, успеале да ја добијат поддршката за работни места од страна на владата“, рече Шекеринска во Дебар.

- Реклама -