Шекеринска положи венец во спомен на загинатите резервисти на АРМ кај Љуботенски бачила

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во касарната „Илинден“ положи венец со свежо цвеќе на Споменикот на загинатите бранители, во спомен на осумтемина припадници на резервниот состав на Армијата кои зaгинaa кај месноста Љуботенски бачила.

На Споменикот на загинатите бранители, венци положија и членови на нивните семејства и делегација од кабинетот на Претседателот на државата, информира МО.

На овој ден, пред 19 години кај Љуботенски бачила загинаа Томе Бадаревски, Бранко Јанев, Марјанчо Бошковски, Раде Јанковски, Гоце Чанкуловски, Томислав Настевски, Ивица Златевски и Томе Димоски.

Деновиве Шекеринска беше силно критикувана во јавноста затоа што не се појави на оддавањето почит на десетмината припадници на резервниот состав на АРМ на 19-годишнината од нивното загинување во 2001 година кај Карпалак, особено откако во мај беше фотографирана пред симболи на УЧК во кабинетот на кичевскиот градоначалник Фатмир Дехари, по што се правдаше дека „дејствијата од 2001 година се далеку зад нас“ и дека „нашето општество ја надминало воената криза на демократски и траен начин“. Критиката кулминираше со дрскиот Фејсбук статус на лидерот на Левица – Димитар Апасиев, кој ѝ порача на Шекеринска да оди „у пи*ку матер“.

Сцените од 2001 година, патем, преку видеа и фотографии, беа значаен дел од предизборната кампања и реторика на ДУИ во нивната иницијатива за прв премиер Албанец.

- Реклама -