Шестото издание на МакеКоПроДокс форумот започнува денес во МКЦ, а ќе трае до 21 август.
Главна цел на форумот е развој на стратегиски план за зголемување на копродукциите на документарни филмови меѓу балканските земји. Форумот на едно место собира претставници од регионалните филмски центри, професионалци од областа на документарниот филм и од филмската индустрија и 9 проекти што се во различни фази на продукција, избрани преку отворен повик.
Форумот ќе биде отворен со претставување на проектите и авторите кои учествуваат на работилницата за архивски практики во филмот „Замислување архиви“ на 15. „МакеДокс“, која ја модерираат Кумјана Новакова и Влад Петри.
Модератори и ментори на тридневниот форум се Хеле Хансен (консултантка за документарен филм, поранешна филмска застапничка за документаристика во Норвешкиот и Данскиот институт), Бриџид О’Шеа (коосновачка на Документарното здружение на Европа), Зејнеп Ѓузел (раководителка на „Doc Station“ во рамки на Програмата за таленти на „Берлинале“, виша консултантка во Документарното здружение на Европа) и продуцентот Виктор Еде (Cinephage Productions) од Франција.
– Оваа година имаме значајна соработка со Францускиот институт и Француската амбасада, така што ќе имаме панел помеѓу претставници на балканските филмски центри и продуценти од Франција, а на панелот ќе се зборува за договорите за копродукција помеѓу балканските држави и Франција. Со акцент на документарните архиви директорката на „Док Индустри“ на фестивалот „Док Лајпциг“, Надја Тенстед, ќе ја презентира работата на професионален маркет за архиви. Ќе има презентација и на „Документарница“, која е лабораторија за развој на документарни филмови од Словенија, којашто е создадена од Словенечкиот филмски центар и Друштвото на режисери од Словенија – истакнува Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.