Шилегов: Никој веќе не зборува за загадување, само со субвенциите за инвертер клима во Скопје чадат 5.000 оџаци помалку

Пред 4 години заедно баравме промени, подеднакво нѐ болеше тоа што му се случуваше на нашиот град. Сега, заедно со граѓаните, успеавме Скопје да го претвориме во една успешна приказна – оцени скопскиот градоначалник Петре Шилегов, на граѓанската трибина на СДСМ – „Најдоброто за нашата општина“, која се одржа вечерва во Скопје.

„Додека други ги окупираа јавните простори и продаваа плоштади за да градат Шпански скали, ние ги ослободувавме јавните простори и ги преуредувавме да бидат попријатни и за пешаците и за велосипедистите, но и за оние кои им е потребен малку одмор и релаксација“, рече Шилегов. Тој ги повика граѓаните да се потсетат како изгледал просторот кај Филхармонија до пред една година, преполн со паркирани возила во кал. Денеска паркот Ибни Пајко е полн со луѓе и зеленило, а покривот на ГТЦ – кој беше детектиран од УНДП како т.н. топлотен остров, сега е полн со луѓе и зеленило, оцени Шилегов.

Скопскиот градоначалник посочи и дека во изминатите години е воведен целосно нов концепт за третман на комуналниот отпад со современи контејнери, нови камиони и нови машини специјализирани за ефикасно чистење на јавни површини, тротоари, велосипедски патеки и други потешко достапни места.

Прочитајте и:  Скопје со редуциран јавен превоз, партиите со предлози и барање за оставка на градоначалничката Арсовска

„Не знам дали забележавте, никој веќе не зборува за загадување. Започнавме војна со аерозагадувањето со воведување на нови 40 мерки. Само со субвенциите на инвертер клима уредите, во Скопје денес чадат 5.000 оџаци помалку во однос на претходно“, подвлече Шилегов.

И дивите депонии и дивите паркиралишта се претворени во паркови, додаде тој.

„Ги ослободуваме тротоарите и велосипедските патеки од возила. Сетете се како изгледаа до пред само две години тротоарите на Даме Груев, Партизанска (спроти Соборниот Храм), тротоарот кај Зградата на Пошта и многу други. Го ослободивме и Кејот 13 ноември, чекор по чекор го ослободуваме и коритото на Вардар, го чистиме од коров, но и од Галиите што ни ги оставија во наследство неводејќи сметка за можните поплави“, дополни првиот човек на Скопје.

Шилегов потсети и дека Градот, заедно со Владата, веќе ја започна и реконструкцијата на Универзална сала, а потсети и на неодамна отворениот Дино парк во кругот на Зоолошката градина, кој, како што рече, руши рекорди на посетеност како регионална атракција. Покрај ова, Шилегов ја најави и изградбата на новиот Забавен парк.

- Реклама -