Шојбле: Германците треба да штедат струја, државата не е супермаркет

Берлин, 12 октомври 2022 (МИА) – Поранешниот германски министер за финансии и член на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Волфганг Шојбле ги критикуваше Германците дека премногу бараат по однос стравувањата од прекини во електроснабдувањето во текот на зимата и оти едноставно треба повеќе да штедат струја, објави денеска магазинот „Феникс“.

Коментирајќи го планот за германскиот пакет помош од 95 милијарди евра за граѓаните да платат енергија во текот на претстојната зима, Шојбле нагласи дека државата не е супермаркет и оти граѓаните не треба да се потпираат исклучиво врз помошта од политичарите.

„Ако им сугерираме на луѓето дека се е неограничено, ние прекумерно ја користиме државата“, предупреди поранешниот претседател на Бундестагот, кој смета дека државна помош треба да добиват само домаќинствата со ниски приходи.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Германската Влада претстави план за максимална цена на гасот во текот на зимата, врз чија основа се предвидува еднократна помош за граѓаните во декември и субвенционирано намалување на основната квота за гас до април следната година.

Германија треба да издвои повеќе од 250 милијарди евра за компензација на цената на гасот и трите пакети помош за граѓаните предвидени за претстојната зима.

- Реклама -