Германскиот канцелар рече дека нема основа за базична доверба за каква било соработка со Кристијан Линднер – разрешениот министер за финансии и лидер на Либералите (ФДП) – најмалиот коалициски партнер во трипартиската владејачка коалиција во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц вечерва го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер бидејќи, како што рече, повеќе ѝ служел на својата партија отколку на општото добро.
„Го разрешив Линднер од функцијата. Овој потег беше неопходен за да се обезбеди безбедноста на нашата земја. Ни треба поголем финансиски простор за маневрирање низ предизвиците. Министерот Линднер не покажа подготвеност да спроведе ниту еден од нашите предлози. На нашите компании им треба поддршка, веднаш. Секој што го одбива се однесува неодговорно“,
рече Шолц во обраќањето до медиумите.
Додаде дека секој што ќе влезе во владата мора да се однесува одговорно и „да не бега“ кога работите ќе станат тешки. Нагласи дека сите мора да бидат подготвени на компромиси во интерес на граѓаните.
„Но, токму тоа не е во фокусот на Кристијан Линднер. Тој е фокусиран на неговата клиентела“,
истакна Шолц.
Германскиот канцелар додаде дека нема основа за базична доверба за каква било соработка со Линднер.
Во изјавата за медиумите, Шолц изјави дека на 15 јануари 2025 година ќе се гласа за доверба на неговата влада – потег што би можел да ги одложи парламентарните избори во Германија, закажани за есента 2025 година, во март.
Инаку, разрешениот министер за финансии, Кристијан Линднер, е и лидер на Либералите (ФДП) – најмалиот коалициски партнер во трипартиската владејачка коалиција во Германија.
Министерот за финансии и лидер на Либералите, Кристијан Линднер, неодамна издаде документ со барања за либерални економски реформи со кои повикува на намалување на даноците со цел стимулирање на економскиот раст, што се тешко прифатливи за другите две партии во коалицијата.
Иако Шолц потенцијално би можел да се обиде да продолжи да владее во малцинска влада, како што пишува „Политико“, тој нема мнозинство да донесе буџет, со што се зголемува веројатноста земјата да оди на предвремени избори кои би се одржале на почетокот на март следната година.