Шолц: Во ЕУ нема место за земји што не се признаваат меѓусебно, патот на Косово кон ЕУ е поврзан со дијалогот со Србија

Приштина, 10 јуни 2022 (МИА) – Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Приштина изјави дека во Европската унија нема место за земјите што не се признаваат меѓусебно и дека патот на Косово кон ЕУ е поврзан со дијалогот со Србија.

Тој на прес-конференција по средбата со премиерот Албин Курти рече дека е важно Косово да го придвижи дијалогот со посредство на ЕУ.

„Косово и Србија треба да доведат до политички решенија преку сеопфатен договор. Дијалогот е пат кој отвора европска перспектива за Косово. Политичкиот договор меѓу двете земји е важен услов за перспективата на младите во Косово. Договорот на крај би требало да го реши косовското прашање бидејќи е незамисливо две земји што не се признаваат меѓусебно да станат дел од ЕУ. Двете страни мора да се приближат една до друга“, рече Шолц.

Прочитајте и:  Брнабиќ: Опозицијата сака граѓанска војна

Тој додаде дека претставникот на ЕУ, Мирослав Лајчак, има поддршка од Германија, додека дијалогот е платформа која го отвора европскиот пат на Косово.

Запрашан за тоа што Србија не воведе санкции кон Русија, Шолц рече дека секоја земја кандидат за членство во ЕУ треба да го усогласи своето законодавство, но и надворешната политика со политиката на Европската унија.

Тој рече дека е посветен на визната либерализација за граѓаните на Косово.

- Реклама -