Шпанија е вториот финалист на Купот на Конфедерации

’Црвената Фурија’ се избори за дуел со домаќинот Бразил откако беше поуспешна во изведувањето на пеналите во полу-финалната пресметка со Италија.

Актуелниот европски и светски шампион важеше за голем фаворит но ’Аѕурите’ беа одлично тактички поставени, одиграа дисциплинирано во одбраната и му создадоа големи проблеми на противникот.

Избраниците на Чезаре Прандели имаа неколку шанси за гол во воведниот дел од средбата, најзрелата шанса ја имаше Маџо, кој од пет метри со глава биеш право во Икер Касиљас.

Шпанците првата закана по голот на Буфон ја упатија дури во 37. минута, кога Торес сам си создаде простор но ударот со левата нога заврши крај голот.

Второто полувреме беше прилично сиромашно, двете селекции повеќе мислеа како да не примат гол отколку да ја затресат мрежата на противникот и за одбележување е само ударот на Пике во 85. минута, кога дефанзивецот од добра прилика биеше високо над голот.

Прочитајте и:  Партија ќе ја тужи Мелони за „залудно потрошените пари“ за имигрантскиот камп во Албанија

Во двете продолженија од по 15 минути, Шпанија и Италија заиграа малку подобро, беа креирани неколку шанси за гол, Џакерини ја погоди пречката а на спротивната страна истото го стори и Чави, но на крајот мрежите мируваа па патникот во финалето беше решен со пенал рулетот.

Фудбалерите на двете селекции беа прецизни во првите шест обиди, а потоа Буничи биеше над голот и му овозможи на Навас да ја однесе Шпанија во финалето од Купот на Конфедерации.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -