По повод Светскиот ден за борба против хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), од Клиниката за пулмологија и алергологија денеска апелираа да се подигне свеста и да се реализираат кампањи за одвикнување од пушење.
Најавена беше кампања за млади од училишните клупи за да може да сфатат колку е штетно пушењето, односно консумирање тутун, за белите дробови, за ХОББ, за астма, за канцер на бели дробови… Бидејќи, како што беше посочено, емисијата од цигари е штетна за сите луѓе, а особено е штетна кај младиот организам што се развива и за малиот мозок.
Директорот на оваа клиника, Оливер Зафировски потсети дека според најновата статистика, со 45 отсто од нашата популација, таа е лидер во консумирање цигари на Балканот.
„Тоа е многу висок коефициент на луѓе кои консумираат тутун“, истакна Зафировски.
Тој советуваше да се остават цигарите, посебно електронските цигари.
„Моментално има голем маркетинг дека не се штетни, напротив, последните испитувања укажуваат дека се многу поштетни и од обично консумирање тутун“, рече директорот.
Доктор Јагода Стојковиќ нагласи дека пушењето е главен ризичен фактор за развој на болеста. Деведесет и пет отсто од пациентите кои имале ХОББ, се пушачи.
Таа смета дека родителите може огромно да влијаат врз децата, кога е во прашање консумирањето тутун. Според неа, треба да се укажува на штетното влијание, а не да им се забранува, затоа што тоа може да има спротивен ефект.