Што да не фрлаш во веце шолја, for dummies

Некогаш веце шолјата се чини како најдобра канта, ама некогаш и луѓето ич не размислуваат за последиците.

Затоа, следува краток водич за отпадна веце етика:

1. Не фрлај памук

Тоа се однесува на тампони, влошки, па дури и стапчиња за уши. Памукот лесно се закачува за секаква површина и често доведува до запушување, бидејќи не е разградлив.

2. Не фрлај влажни марамици

Не ги фрлај ни тие што наводно се фабрички „предвидени“ за фрлање во веце шолјата. Марамиците, како и памукот, не се „топат“, и речиси гарантираат дека ќе ти се запуши одводот.

3. Не фрлај коса

Кога чистиш четки и слично, влакната/косата фрли ги во ѓубре, не во шолјата. Исто како што влакната можат да ја запушат туш кабината или кадата, можат и шолјата.

4. Не фрлај кондоми 

Да, направени се од биоразградлив материјал, ама тој материјал не се разградува преку ноќ. За да се заштитиш од запушена веце шолја, фрлај ја заштитата во отпад, каде што ѝ е местото.

5. Не фрлај песок за мачки 

Како што песокот не се разградува на плажите, така не се разградува и во одводните цевки. Малку повеќе количина на правото место, и ќе мораш да отпушуваш облечен во гумени чизми.

6. Не фрлај стари лекови

Е лековите нема да ти ја запушат цевката, ама ќе ти ја загадат околината. Отпадните води најчесто завршуваат во реките, а коктелот од лекови (антибиотици, антидепресиви, хемостатици итн.) често резултира со уништување на живиот свет во и околу реките.

Уште поважно, кога таквата вода ќе се најде во природата, веројатно е да дојде во контакт со водата што ја третираме во водоводните системи и ја користиме за пиење. Иако денешната технологија отстранува голем дел од хемикалиите, не може да ги отстрани сите остатоци од лековите.

7. Маснотии и масла

Било да се работи за масло за готвење, или било какви други масти/масла/маснотии, местото не им е во веце шолјата. Маснотијата во цевките го прави истото што и холестеролот во крвните садови – се наталожува на ѕидовите и ги запушува.

- Реклама -