Што е ТУСАШ, комплексот во Анкара кој го нападнаа терористите

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека во денешниот терористички напад врз комплексот на Турската воздухопловна и вселенска индустрија (ТУСАШ) во главниот град Анкара, загинале четири лица, а 14 се повредени, пренесува Анадолија. Тој потврди дека двајцата терористи биле неутрализирани.

Јерликаја го посети местото на нападот и изјави пред новинарите дека нападот се случил во 15:26 часот по локално време.

– Безбедносните сили веднаш пристигнаа на местото на настанот. Двајцата терористи, жена и маж, се неутрализирани. За жал, имаме четворица шехиди (маченици) и 14 ранети, од кои тројца се во тешка состојба, рече министерот.

Осудувајќи го тероризмот, Јерликаја изрази сочувство до турскиот народ и им посака брзо закрепнување на повредените.

Работиме на идентификација на терористите. Штом го дознаеме нивниот идентитет, ќе ги споделиме информациите за тоа која терористичка организација стои зад нападот,“ нагласи Јерликаја.

Прочитајте и:  Во САД почина дисидентот Фетулах Ѓулен, кој во Анкара беше обвинет за неуспешниот пуч од 2016 година

Инаку, ТУСАШ е државна компанија за оружје и авио-технологија со седиште во близина на Анкара. Оваа компанија произведува воени и цивилни авиони и хеликоптери, како и системи за беспилотни летала за турските вооружени сили и за странски пазари.

Според официјалниот веб-сајт, ТУСАШ е основана за да ја намали зависноста на Турција од увоз на авио-технологија за воени потреби.

Како членка на НАТО, Турција ја определи компанијата како лиценциран производител на американските борбени авиони Ф-16, а исто така има важна улога во модернизацијата на постарите авиони за потребите на турската војска.

Главни сопственици на оваа компанија се турските вооружени сили и цивилната агенција на турската влада.

- Реклама -