Најновото истражување на „Евробарометар“ ги детектира грижите на Европејците
Според анкетираните граѓани на ЕУ, за Европа да ја консолидира својата позиција во светот и да се приспособи на актуелниот
политички и економски контекст, политиките на Унијата треба да се фокусираат на:
1. одбраната и безбедноста (37 отсто)
2. конкурентноста, економијата и индустријата (32 отсто).
Меѓу прашањата на кои Европскиот парламент треба да им даде приоритет се:
1. инфлацијата, зголемувањето на цените и трошоците за живот (41 отсто од испитаниците)
2. одбраната и безбедноста (34 отсто)
3. борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост (31 отсто)
Мнозинството Европејци во време на геополитичка неизвесност веруваат во наративот дека „Европската Унија треба да игра поголема улога во заштитата на граѓаните од глобални кризи и безбедносни ризици“. Ова го регистрира најновиот извештај на „Евробарометар“. Такво мислење имаат изградено 68 отсто од испитаниците, додека девет од десетмина Европејци очекуваат земјите членки да се обединат во поголема мера, а повеќе од три четвртини (77 отсто) веруваат дека на ЕУ ѝ се потребни повеќе ресурси за да се справи со актуелните глобални предизвици). Приоритетите на граѓаните ги одразуваат нивните загрижености за актуелната политичка и економска состојба.
Според испитаниците, ЕУ би требало да се фокусира на одбраната и безбедноста (37 отсто), конкурентноста, економијата и индустријата (32 отсто) за да ја консолидира својата позиција во светот и да се приспособи на актуелниот политички и економски контекст. Меѓу прашањата на кои Европскиот парламент треба да им даде приоритет се инфлацијата, зголемувањето на цените и трошоците за живот (според 41 отсто од испитаниците), одбраната и безбедноста (34 отсто) и на борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост (31 отсто). Инфлацијата и трошоците за живот веќе беа големи грижи за време на последните европски избори, како што покажа постизборното истражување на „Евробарометар“, а економската состојба продолжува да биде голема загриженост за многумина европски граѓани.
Се бара и поголема транспарентност
Со цел за подобро инвестирање во она што е важно, речиси осум од десет Европејци веруваат дека зголемениот број проекти треба да се финансираат од ЕУ како целина, а не од поединечни земји членки (78 отсто). Според 91 отсто од граѓаните, Европскиот парламент мора да ги има сите информации и ресурси потребни за правилно следење на трошењето на ЕУ. Понатаму, 85 отсто од Европејците веруваат дека распределбата на средствата на земјите членки треба да биде условена од нивното почитување на владеењето на правото и на демократските принципи. Мнозинството испитаници низ сите земји членки го делат овој став.
– Европските граѓани сакаат Европа да се фокусира на безбедноста и економијата. Тие очекуваат ЕУ да биде стабилна и да зборува со силен, обединет глас во услови на денешниот несигурен свет. Нашите приоритети и следниот долгорочен буџет на ЕУ затоа мора да ѝ овозможат на Унијата да се справи со новите геополитички реалности. Парламентот ги слушна, а сега мора да ги претвориме зборовите во дела, да инвестираме во она што е важно и да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани – изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, при објавувањето на анкетата.
Повеќе тука




