Ако погледнете во листата со состојки на картонската амбалажа на млекото, не е чудно да најдете и витамин Д, дури и да не е рекламиран со крукчиња, плусови и слични упадливи маркетинг фори на самата амбалажа. Во денешно време, барем во САД, млекото речиси секогаш доаѓа во пакет со витамин Д. Причините потекнуваат уште од 1900-тите години.
На почетокот на векот, рахитисот (детско пореметување кое води кон слаби и меки коски, застој на растот, и скелетни деформитети) беше широко распространет. Податоци од Бостон, САД, покажуваат дека дури 80% од децата страдале од некоја форма на болеста.
Причината за рахитис е недостаток на витамин Д или калциум. Витаминот Д се синтетизира во нашето тело кога кожата доаѓа во контакт со сонце, а на телото му е потребен за да апсорбира калциум.
„Рахитисот прерасна во епидемија, благодарение на Индустриската револуција, и со тоа, вклучување на децата во работата“, вели Петси Бренон од универзитетот Корнел. Децата едноставно не биле доволно изложени на сонце, објаснува таа. А бидејќи витаминот Д не се наоѓа природно во многу од видовите храна, недостатокот бил многу раширен.
Малкуте видови храна што природно содржат витамин Д се рибиното масло – кое има најголема содржина од витаминот, масните риби, како туната и лососот. Но дури и препорачаната количина риба не го снабдува телото со доволно витамин Д, објаснува Бренон. Затоа „засилувањето“ на млекото со витамин Д, кое во САД почнало од 1930-тите, трае и ден денес, а почнуваат да го воведуваат и сé повеќе млекопроизводители ширум планетата.
Според американската National Institute of Health Office of Dietary Supplements (NIH), препорачаната дневна доза на витамин Д е 600 интернационални единици (IUs) за луѓе на возраст од 1 до 79 години. Иако 85 грама лосос содржат 447 единици, луѓето не јадат лосос секој ден, децата уште помалку. Од друга страна, една чаша млеко обично содржи 100 интернационални едицини. Тоа е содржински помалку од рибата, но млекото е далеку подостапно.
Витаминот Д во млекото се покажа како успешен. „Засилувањето на млекото со витамин Д, со почеток во 1930-тите, го направи рахитисот ретка болест во САД“, заклучува Бренон.
Па, изгледа дека во време кога децата се претежно вон сонце и пред компјутер, млекото може да биде доста корисно.