Развојот и исчезнувањето на старите маала
Старите маала во Скопје имаа своја приказна, исполнета со традиции, обичаи, и секојдневни моменти кои го дефинираа животот на луѓето кои живееле таму. Секое маало имаше свој уникатен карактер и свој препознатлив амбиент. Така, Ново маало беше познато по своите тесни улички и куќи со дрвени врати и балкони, додека Пајко маало беше место каде што живееле многу трговци и интелектуалци, додавајќи културна вредност на маалото.
Со текот на времето, урбанизацијата и економските промени ги направија овие места атрактивни за инвеститорите заради нивната атрактивна местоположба. Малите, шармантни куќи беа заменети со висококатници и мини трговски центри, а животот во маалото стана повеќе модерен, но и повеќе дистанциран. Во овој процес, Скопје го изгуби она што го правеше уникатен – автентичната атмосфера и културната вредност која можеше да привлече многу туристи.
Потенцијалот на старите маала како туристички атракции
Старите скопски маала имаа огромен потенцијал да станат туристички магнети. Нивниот уникатен карактер, историската важност и културната богата оставштина можеше да се искористи за привлекување на туристи од целиот свет. Ако овие маала беа зачувани и реновирани во согласност со нивниот автентичен изглед, тие ќе беа идеално место за посета, каде туристите ќе можат да се запознаат со традиционалниот живот во Скопје.
Има многу примери во светот каде што старите населби се претворени во туристички атракции. Венеција, Париз и Прага се само неколку од градовите кои ја задржале својата архитектонска и културна наследност, правејќи ги своите стари квартови популарни меѓу посетителите. Скопје можеше да го следи овој пример и да ги претвори своите стари маала во вистински културни центри.
Пајко Маало
Пајко Маало е едно од најстарите маала во Скопје, лоцирано во близина на Вардар, во централниот дел на градот. Ова маало го добило името по некој Пајко, кој се верува дека бил еден од првите жители на маалото. За Пајко маало постојат безброј легенди. Сите легенди се поврзани со минатото. Во периодот помеѓу двете светски војни во ова маало се наоѓале најубавите улици и куќи во кои живееле старите скопски фамилии и богатите граѓани на Скопје
Просторот околу соборната црква „Света Богородица“, која се наоѓала во Пајко маало, беше центар на живеење на угледни скопски фамилии. Еден од познатите жители бил Ибни Пајко, кој беше угледен добротвор. Денес, од тоа време останала „Зградата на Ибни Пајко“ на улицата Самоилова број 56, изградена во 1938 година по проект на архитектот Михо Чакеља од Дубровник.
Оваа зграда, изградена во корбизиевски стил, е значајна по тоа што првпат во неа бил вграден лифт од левата страна на Вардар и ја иницирала идејата за постоење на плоштад. Покрај зградата, околу „Ибни Пајко“ живееле познати скопјани како лекарот Ставридис, трговците Галиќ и лекарот Чохалиќ со ординација, како и Папа Теодосиј.
Крњево
Крњево е мало маало лоцирано на западниот дел од Скопје, блиску до центарот на градот. Името на маалото потекнува од зборот „крњ“, што значи скршено или непотполно, што може да укажува на некој инцидент или настан од минатото.
Крњево маало било познато по своите занаетчии и многубројните кафеани. Историјата на ова маало открива уникатни традиции, како бањањето во Стара нова бања и познатата Саат кула.
И за Крњево најголем проблем е урбанизацијата. И покрај донесениот Детален урбанистички план (ДУП), Општина Центар сè уште не ја решава инфраструктурата, што го отежнува напредокот на градежните проекти. Потребни се нови системи за канализација и електрични инсталации под земја за да се овозможи реализација на планираните проекти.
Ново Маало
Ново Маало е лоцирано во јужниот дел на Скопје, во близина на реката Вардар. Ова маало се појавило во почетокот на 20-тиот век, кога Скопје започнало да се шири и модернизира. Името „Ново Маало“ се однесува на новата населба која се формирала во тоа време, со нови куќи и современа инфраструктура.
Ново Чивчи маало, било дом на семејството Икономови, сопственици на фабриката „Европа.“ Ова маало, со својата специфична архитектура и ниски објекти, претставува значаен фрагмент од урбаната историја на Скопје.
Плановите за Ново Маало предвидуваат рушење на постоечките објекти и изградба на нови, високи згради со апартмани и деловни простории. Целта е да се создаде модерен дел од градот, кој ќе привлече инвеститори и ќе го зголеми капацитетот за живеење.
Маџир Маало
Маџир маало се наоѓа на источниот дел од Скопје, на десниот брег на Вардар блиску до железничката станица. Името на маалото потекнува од „маџири“, што значи бегалци или преселници, бидејќи во 19-тиот век тука се населиле голем број бегалци од Отоманската империја.
Ова место го карактеризирале тесни и куси улици, по кои едвај можело да се помине со кочија. Имало неколку јавни чешми, иако во речиси секој двор имало по еден бунар. Во втората половина на 20 век, маалото станало познато по спортистите кои тренирале фудбал или ракомет. Една од најпознатите маџирмаалски игри е „фанта“ која била омилена активост на жителите.
Плановите за Маџир Маало вклучуваат модернизација на инфраструктурата, изградба на нови патишта, хотели и згради, и подобрување на јавните простори. Сепак, голем дел од старите куќи и објекти ќе бидат срушени за да се направи место за новите градби.
Жителите на Маџир Маало се против новиот Детален урбанистички план (ДУП), кој предвидува изградба на хотели и деловни објекти во нивната стара скопска населба. Иако планот предвидува подобрувања како нови зелени површини и детска градинка, жителите се загрижени дека ќе се изгуби карактерот на маалото и ќе се претвори во бетонска зона. Тие истакнуваат дека такви комерцијални објекти не се потребни и бараат нивно отстранување од планот.
Послените жители и чувари на спомените
Пајко Маало, Ново Маало, Маџир Маало и Крњево – секое од овие маала носи уникатна приказна. Нивната историја е богата и разновидна, но денешниот брз урбан развој и промените донесени од деталните урбанистички планови не ги оставаат староседелците рамнодушни.
Во Маџир Маало, жителот Божидар Стефановски ги споделува своите спомени од времето кога маалото било полно со живот.
„Не се мери сега животот со животот некогаш во маалата. Порано имаше дружења и содржини. Сега нема ништо, порано се дружевме директно, надвор,” вели Стефановски.
Тој се присетува на најдобрите години после земјотресот до деведесетите, кога имало движења и комуникација. Денес, пак, сè се сведува на индивидуални активности.
„Ова сега е луда работа, сам со себе е сега, јас одам на Водно, тератана, возам велосипед, а тогаш сè се правело во друштво, во кино, на натпревар, секаде”, посочува Стефановски.
Жителите на Ново Маало, пак, ја споделуваат својата носталгија за времињата кога секој ден се собирале во своите дворови. На тие времиња се потсетува Виолета, која живее таму повеќе од половина век.
„Порано беше поубав животот во маалото. Имавме повеќе комшии, куќите ни беа поврзани со капиџик, а сега немаме ниту соседи, ниту пак некако сме поврзани”, вели Виолета.
Таа истакнува дека најдобрите години биле кога сите имале работа и се враќале дома за заеднички фамилијарен ручек, нешто што денес е реткост.
Заборавени и игнорирани од надлежните
Но, урбанизацијата не носи само носталгија за минатото. Жителите се соочуваат со конкретни проблеми како недостиг на инфраструктура.
„Немаме канализација, јас сум 54 години овде, и сè уште нема канализација,” вели Виолета. Овие проблеми ги оставаат староседелците во неизвесност, чекајќи на подобро решение.
Денес, останува само споменот на старите скопски маала. Можноста за нивно зачувување и претворање во туристички атракции беше изгубена со години на небрежност и несоодветно урбанистичко планирање.
Скопските маала некогаш беа живо сведоштво за историјата и културата на градот. Денес, под притисок на урбанистичките планови, овие маала се соочуваат со исчезнување, оставајќи зад себе само спомени кај староседелците.
Промените во градот се неизбежен дел од нашиот секојдневен живот, но тие не мора да бидат непредвидливи или насилни. Кога радикално се менуваат деловите на градот, се ризикува губење на уникатниот идентитет на заедницата и нејзините традиции. Урбаните трансформации треба да се случуваат постепено, почитувајќи ја вредноста на старите урбани делови и интегрирајќи ги во современите концепти. Овие проекти треба да ги задоволат потребите на сегашните жители и да покажат дека маалскиот живот може да се прилагоди на новите услови без да се изгуби неговата суштина. Урбаната куќа не треба да се гледа само како застарена конструкција, туку како клучен дел од градската историја и култура. Ние треба да го сочуваме духот на нашите маала и да се обидеме да го пренесеме во иднината, истовремено обожавајќи ги спомените од минатото.