Што останува по љубовта?

По љубовта остануваат телефонските броеви кои бледнеат.

По љубовта остануваат чаши со изгравирани монограми , украдени од најдобрите мотели.

По љубовта останува обичајот белото вино да се сипува во две чаши и цртите да бидат на иста висина.

По љубовта останува една маса во кафаната кај „Знакот“ и изненадувачкиот поглед на стариот келнер кога нè гледа со други.

По љубовта остануваат речениците : „изгледаш одлично, воопшто не си се променил / а …“ и „јави се некогаш, уште ми го имаш бројот?“

И некои броеви на студентски соби во кои сме спиеле, остануваат после љубовта.

По љубовта остануваат темните улици на кои се навраќавме.

По љубовта остануваат мелодиите на радијата, кои постепено излегуваат од мода.

Остануваат тајни знаци , љубовни шифри. „Ако ме сакаш, започни го утрешното предавање со три збора кои ќе ги содржат почетните букви од моето име“. Влезе во анфитеатарот и рече: „Во нашата авангарда“…“ Ми прати бакнеж.

По љубовта останува твојата страна од креветот и стравот дека неочекувано ќе влезе некој друг. Клак! -затворена телефонска слушкала, кога ќе се јави нечиј туѓ глас . Илјада и една лага …

По љубовта останува реченицата „Јас ќе влезам прва во бањата“ и одговорот: „Нема ли заедно?“

Овој пат не!

По љубовта остануваат соучесниците : чувари на тајните кои повеќе не се никакви тајни. Фотографиите направени во автомат, таксистите кои никогаш не нè сакаа.

Преполни пепелници и празно срце. Навиката да се палат две цигари истовремено.

По љубовта останува повредената суета.

По љубовта остануваат други мажи и други жени .

По љубовта не останува ништо. Катастрофа!

Автор: Момо Капор, од “По Љубовта”

- Реклама -