Што пишува во КГБ профилот на Путин додека бил шпион?

КГБ профилот на рускиот претседател Владимир Путин во кој е наведено дека е „подготвен, совесен и дисциплиниран работник“ за прв пат е откриен на јавноста на изложбата на документи во Централниот државен архив во Санкт Петербург.

По повод 90 години од архивот во Санкт Петербург, објавен е голем број на документи кои биле недостапни на пошироката јавност, а најголемо внимание привлече описот на КГБ на нивниот тогашен агент, а актуелен претседател на Руската Федерација – Владимир Путин.

Путин кој што во советската шпионска агенција служел во периодот од 1975-та до 1991-ва година, изјави дека искуството од КГБ го подготвило за улогата претседател на државата. Тој на чело на Русија дојде во 2000-та година, откако со години беше на чело на ФСБ, служба која произлезе од поранешен КГБ.

„Другарот Владимир Владимирович Путин константно ги унапредува своите идеолошки и политички стандарди. Активно е ангажиран во партиската едукативна мрежа. Тој константно ги унапредува своите професионални вештини“, стои во документот на КГБ.

Профилот на рускиот претседател од шест параграфи ја бележи и неговата „морална стабилност“ и „заслужениот авторитет кој го ужива меѓу колегите“, но забележани се и неговите спортски успеси во џудо и во руската боречка вештина самбо.

Путин во минатото често велеше дека искуството од работата во КГБ многу му помогнало општо во животот. Рускиот лидер како најкорисни вештини кои ги стекнал ги издвои „поттикнувањето на луѓето да преземат акција и обединувањето на луѓето“.

- Реклама -