Од удар на гром во САД годишно загинуваат, во просек, по 47 луѓе. Иако 90% од оние кои ги погодува гром преживуваат, тоа не поминува без последици, а повредите можат да бидат и долготрајни. Со оглед дека молњите, во САД на пример, предизвикуваат 75.000 пожари годишно, а и за секунда можат да расцепат дрво на половина, страшна е и самата помисла за тоа што можат да му направат на човековото тело. Но од истата причина и е интересно да се знае. Па, да видиме.
Молњата настанува во момент на празнење на атмосферскиот електричен напон концентрират во олујните, грмотевични облаци (кумулонимбуси), а е проследена со силен блесок на светлост и звучен удар – гром, пишува Бизнис Инсајдер. Во грмотевичните облаци електричниот потенцијал може да достигне и до 3 милиони волти, па воздухот веќе не е доволно добар изолатор. Поради тоа доаѓа до избивање на електричниот напон во внатрешноста на самиот облак, кон друг облак, кон околниот воздух или кон тлото.
Кога таква количина струја ќе влезе во човековото тело, доаѓа до краток спој на електричните сигнали кои го погонуваат срцето, белите дробови и нервниот систем. Таквиот струен удар може да предизвика срцев удар, оштетување на мозокот и ‘рбетот, па дури и амнезија.
Струјата, меѓутоа, не е единствениот проблем. Ударот од гром постигнува голема температура. Во само една секунда може да го загрее воздухот до температура 5 пати поголема од моменталната температура на површината изложена на сонце. Според некои пресметки, лицето што стои во близина на местото на удар на гром, на растојание од околу 10 метри, може да доживее ударен бран сличен на оној што би го произвела бомба од 5 килограми ТНТ експлозив.
Ударот од гром посебно многу може да им наштети на очите, бидејќи може да ја пробуши мрежницата на окото и да доведе до настанување на перде за само неколку денови или недели. Останатите нуспојави вклучуваат и импотенција кај мажите и намалување на либидото. На површината од телото ударот од гром може да остави тешки опекотини и да предизвика разгранети лузни, кои буквално изгледаат како разгрането дрво. Тие се карактеристични за удар од гром и се наречени Лихтенбергови фигури.
Освен тоа, високата температура при удар од гром може да го загрее било кој метал што човекот го носи на себе или со себе, и така да предизвика изгореници од трет степен. Експлозијата може моментално да го остави човекот гол и бос, т.е. да ја „разнесе“ облеката и обувките кои лицето ги носи на себе.
Како што рековме, иако шансите да преживеете при удар на гром се доста големи, дефинитивно не сакате тоа да ви се случи. Затоа избегнувајте да сте надвор за време на невреме, а ако тоа е неизбежно, барем избегнувајте осамени дрва и отворени површини. Најбезбедни ќе бидете во некоја зграда или автомобил.