Штрафот е создаван 2.000 години

screw1[1]

Штрафот е една од наједноставните, а сепак најкорисни „машини“. Но, не било отсекогаш сé така лесно како денес. Денешните штрафови доаѓаат во стандардни големини и типично се заштрафуваат надесно (во правец на стрелките на часовникот), но тоа е прилично нов изум; интуитивниот систем што го имаме денес бил развиван цели 2.000 години.

Се смета дека штрафот го измислил пријателот на Платон – Архитас (428-350г. пред н.е.). Архимед (287-212г. п.н.е.), од друга страна, бил првиот што ја увидел способноста на штрафот да спојува разни нешта, како и да подига вода. Нешто подоцна, Римјаните ќе развијат рачно изработени штрафови направени од бронза и сребро. Се произведувале штрафови со секакви големини, а се користеле за гмечење на маслинки и цедење на маслиново масло, за наводнување на канали, како и за продупчување на бродските трупови кога било потребно.

Како и да е, заради рачната изработка, навоите ретко биле прецизни и варирале во зависност од тоа колку вешт бил и како преферирал да ги изработи мајсторот.

Околу средината на 16-от век, Жак Бесон го измислува првиот дребонг за изработка на штрафови, но истиот ќе почне да се применува дури 100 години подоцна. Во 1797 година, Хенри Мадсли ја реиновира машината и го создава модерниот дребонг, со што конечно се овозможува штрафовите да се моделираат со голема прецизност. Сепак, во тој период сé уште нема никакво навестување за некаков унифициран систем на големини на навојот.

screw_clockwise[1]Џозеф Витворт, чиракот на Мадсли, бил првиот што ќе поднесе таков писмен предлог (за унифициран систем) до Институтот за цивилно инженерство. Неговата замисла била едноставна: 1. аголот на навојот треба да е стандардизиран на 55 степени и 2. бројот на навои по инч треба исто така да е стандардизиран, иако ова би варирало во однос на дијаметарот на штрафот. Идејата многу брзо добила на популарност и веќе до 1860-тата била прифатена од Англија, САД и Канада.

Оттогаш се направени неколку мали, но многу значајни модификации во стандардите, како во однос на деталната изработка на штрафовите, така и во индустриските машини специјализирани за нивна изработка.

Што се однесува до тоа што штрафовите се завртуваат надесно, се смета дека овој принцип бил востановен уште од раните почетоци на постоењето. Се претпоставува дека тоа е заслуга на деснораките луѓе – тие се посилни кога заштрафуваат во правец на стрелките на часовникот, а познато е дека мнозинството од луѓето (70%-90%) се деснораки.

Денешниот систем ја претрпел финалната стандардизација во периодот на Втората светска војна, кога британските, американските и канадските трупи ги здружиле силите, а со тоа и воената опрема и машинерија. Иако слични, нивните стандарди сепак се разликувале, заради што се јавиле доста технички проблеми.

Системот почнал забрзано да се имплементирал на глобално ниво особено по 1960-тата, кога Британија го имплементирала метричкиот систем, интернационалниот систем на мерни единици, како и ISO стандардот за штрафови со профили од 60 степени.

- Реклама -