Шумарот што направи лавиринт и ја победи економската криза

Лавиринтот Laberinto de Villapresente во Кантабрија, на северот на Шпанија, освен што восхитува со изгледот од птичја перспектива и својата големина, восхитува и со идејата што стои зад неговото настанување.

Економската криза во еврозоната удри особено жестоко во овој регион во Шпанија, а меѓу другите настрада и Емилио Перез Карал. Човекот бил шумар и имал свој бизнис продавајќи чемпрес.

Кога настапила кризата, на Емилио му останале илјадници дрва, и наједноставната опција била да се ослободи од нив. Но не, Емилио размислувал поинаку. Го загреал столчето и дизајнирал лавиринт, а наместо да ги уништи, ги засадил дрвата. Му помогнала и ќерка му, 20-годишна, тогаш исто така невработена.

Тоа било пред 4 години – толку им треба на дрвата да пораснат до потребната големина. Денес Емилио и ќерка му заедно го тераат бизнисот – лавиринтот е отворен сега, во април, и веќе го привлекува вниманието на многу туристи. Најголем е во Шпанија, и еден од најголемите во Европа.

Колку долго ќе ви треба да го решите, т.е. да го поминете, зависи. Има брз начин, ама исто така може и да ви требаат час и пол за да стигнете до центарот. Ако сте ептен малер, може да треба да пропешачите и до 5 километри ходници. Ако се изгубите, Емилио, кој живее во близина, е дел од спасувачкиот тим. Исто така има и „итни излези“ на неколку точки во лавиринтот, кои ве упатуваат како да излезете ако навистина морате. Досега никој се нема изгубено.

И така, Емилио ја претвори кризата во добар бизнис, па згора на сé и еколошки. Најимпресивното од сé е трпението и колку всушност размислувал на долг рок – што е вистинско претприемачко размислување – за разлика од западниот корпоративен свет, кој е фокусиран на инстант добивки, а со тоа и многу ризик.

Самата идеја, самиот начин на размислување на Емилио, ги освои симпатиите и на многу туристички компании. Веќе има неколку такви, но и сé повеќе други воведуваат тури и почнуваат да носат туристи во лавиринтот.

- Реклама -