Швајцарија ѝ забрани на Германија да испраќа швајцарска муниција во Украина

Швајцарските власти и забранија на Германија да испраќа муниција произведена во Швајцарија во Украина.

Забраната за таа помош за Украина преку Германија се заснова на намерата на Швајцарија да остане неутрална земја, објави денеска Радио Франс инфо.

Станува збор за 12.400 парчиња муниција со калибар 35 мм наменети за противвоздушниот одбранбен систем Гепард. Украина го побара тоа за да соборува крстосувачки ракети и беспилотни летала. Германија има намера да испрати 30 системи Гепард во Украина, но немаше муниција, по што ја купи од Швајцарија.

Француското радио соопшти дека договорите за оружје често содржат клаузули со кои се забранува препродажба на оружје, но Германија побара од Швајцарија да направи исклучок поради околностите. Меѓутоа, Швајцарија одби, и ова не е првпат. Во април го одби ваквото барање од Германија. Германија го оправда своето барање со образложение дека тоа е одбранбено оружје.

Прочитајте и:  Кулеба: Војната во Украина нема брзо да заврши

Но, Швајцарија не прифаќа нејзината муниција да се користи во земји во војна, бидејќи повеќе нема да биде неутрална.

Франс Енфо смета дека ова е малку лицемерен став. Швајцарија не се усогласува со ниту една страна во конфликтот, но ѝ додели на Украина 100 милиони долари хуманитарна помош. Овие пари ќе ѝ помогнат на Украина да се снабдува со вода за пиење и да ја поправи оштетената енергетска инфраструктура пред зимата.

Освен тоа, Швајцарија ги усвои сите санкции што Европската Унија ги воведе против Русија од 24 февруари, кога започна руската инвазија на Украина, додава француското радио.

Радиото потсетува дека неутрална земја не значи пацифистичка и наведува дека Швајцарија е во водечката група на земји со најмногу вооружени лица по глава на жител, со просечни 46 парчиња оружје на 100 жители.

МИА

- Реклама -