Си играме Европска престолнина на културата

Со еден потег Град Скопје, олицетворен во Универзалната сала, предизвика недоверба кај јавноста откако објави повик за формирање Здружението за имплементација на проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028“, поради спорните услови кои подигнаа прашина меѓу културните работници.

Од една страна, аплицирањето за членови на ова здружение се ограничува на невозможно краток рок од само пет дена, ставајќи под притисок потенцијалните апликанти и предизвикувајќи дилеми за транспарентноста и искреноста на целиот процес. Со оглед на меѓународниот карактер на повикот, ваквото ограничување изгледа уште понеразбирливо и потенцијално испраќа негативна порака кон експертите од земјите на Европската Унија кои можеби би сакале да учествуваат.

Уште поспорно е барањето за поседување на сертификати за англиски јазик, кои се чини дека се построги од оние што обично се бараат за административни позиции, а не за улогите кои се предвидени во проектот. Ваквите услови поставуваат прашање за приоритетите на Град Скопје и дали вистинскиот фокус е  привлекување квалитетни експерти и НВО или пак на исполнување на формалности кои би можеле да го ограничат кругот на заинтересирани учесници.

-Станува збор за сериозен повик кој е насочен кон формирање на нов правен ентитет и назначување на експерти кои би биле одговорни за развој и имплементација на програма на еден од најдолгорочните и најголеми европски проекти преку кои треба да се продуцира позитивна промена во полето на културата и во квалитетот на живот на граѓаните. Во таа насока ваков тип на повик треба да подразбира јасно дефинирани критериуми, подетални информации за условите и начинот на работа и соодветен рок за аплицирање, кој во овој случај е краток. Рокот подразбира реално време за обезбедување на бараните документи, но и време за соодветна промоција на повикот во локален и Европски контекст. Само така градот ќе се покаже интерес дека целта на повикот е да се овозможи негов досег до поголем број на професионалци и организации со соодветните компетенции и знаење кои би биле заинтересирани да одговорат на повикот, вели Виолета Качакова, културна работничка која беше дел од тимот која ја подготвуваше апликацијата за „Скопје европска престолнина на културата“.

Таа додава дека повикот не бил доволно јавно истакнат, туку го забележала споделен на социјалните медиуми преку колеги, а дека сертификатите за англиски јазик не постари од 5 години  дополнително ја ограничуваат процедурата.

-Во ниеден европски проект, без разлика дали станува збор за соработки реализирани во рамки на програмите на ЕУ како Креативна Европа, или пак во билатерални и други мултилатерални соработки или пак програми за мобилност на уметници и културни работници не се бара сертификат за познавање на англиски јазик, вели Качакова.

Слично мислење има и Ивана Васева кураторка и истражувачка:-Нема доволно време за да се аплицира на овој проект иако по некоја случајност поседувам еден од бараните сертификати за познавање англиски јазик, но сепак досега во ниту еден повик тоа не било услов за аплицирање, вели таа.

Според Билјана Танурова коосновач на Центарот за нови иницијативи за уметност и култура, „Локомотива“ ова е првпат на ваков повик да се бараат сертификати за познавање на англиски јазик, бидејќи работи и како експерт за проекти повеќе од 15 години.

– Случајно го видов повикот бидејќи не е видливо исткнат, а временскиот период за аплицирање пак е многу краток. Се јавив и на посочениот број кај лицето за контакт да прашам за детали и нејаснотиите кои се во повикот во смисла дали треба да се јават две организации заедно (една од земјата друга од ЕУ) или посебно, а исто така и експертите. Прашав исто како сметаат за кратко време да се обезбеди сертификат за познавање англиски јазик кога за тоа треба време и се закажува на посебни датуми, а исто така и чини доста пари. Прашав дали може без тоа па ако влеземе во избор потоа да обезбедиме. Сè уште немам одговор, а денес е 12 март, односно 6 дена пред крајниот рок, вели  Тануровска.

За директорот на „Универзална сала“ Горјан Христовски, институција која е носител на проектот, нема ништо спорно во повикот бидејќи според него и во самиот повик пишувало дека е за изразување интерес и дека не е мериторен, бидејќи немало ни комисија да ги прегледува апликациите,туку едноставно само сакале да видат каков ќе биде интересот.

– Се бараат сертификати за англиски јазик бидејќи постојано ќе се комуницира со Брисел на англиски јазик и затоа мора да имаме некаков доказ дека тие што ќе аплицираат имаат сертификат. Во однос на странците ако не се од англиско говорно подрачје, а се на пример од Франција исто така се бара сертификат, но и не мора доколку лицето или пак невладината организација учествувала на европски проекти, вели Христовски.

На прашањето зошто тогаш инсистираат на сертификатот и ги изложуваат апликантите на трошок за да го извадат, Христовски вели дека овој повик нема таква правна силина и дека едноставно во вториот повик кој според него ќе биде официјален ќе имало и поконкретни барања за услови да се аплицира.

Што се бара во повикот?

Покрај две невладини организации, од кои едната треба да биде од Македонија, а другата од Европската Унија, повикот бара и двајца експерти, со исти географски услови. Сепак, поставените барања и краткиот рок за аплицирање може сериозно да ги ограничат можностите за создавање на инклузивно и компетентно здружение способно да го носи имплементирањето на проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028“.

-„ЈУ Универзална Сала како носител на апликацијата за проектот “Европска престолнина на културата 2028” за Град Скопје како носител на титулата – Европска престолнина на културата 2028, ги поканува сите национални и меѓународни експерти, национални и меѓународни невладини организации (НВО) да го изразат својот интерес за аплицирање за основачи на Здружение Скопје2028 за реализација на проектот “Европска престолнина на културата 2028“ (во натамошен текст: Скопје ЕПК 2028), пишува во повикот.

Исто така спорно е и тоа што се бара доказ за поседување на меѓународно признат сертификат за познавање на англиски јазик не постар од 5 години издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори на Б2 (B2) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ИЕЛТС со 5-6 поени, ФЦЕ, БЕК В, ИЛЕК, ИКФЕ, БУЛАТС, или Аптис, или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 500 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 175 бода или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 60 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ.

Ако ја погледнеме хронологијата на аплицирањето на Град Скопје за културна престолнина 2028, процеsот започна во времето на градоначалникот Коце Трајановски, nо, главните напори се извршени во периодот 2017 – 2021 година, во време на мандатот на Петре Шилегов, кога се поднесе кандидатурата. 

 По одреден временски застој, процедурата се заврши откако Владата на РСМ застана зад проектот и декларираше целосна поддршка. Реконструкцијата на Универзалната сала е дел од таа поддршка и во целост ќе биде спроведена од Министерството за култура, a битен дел од причините за добивање на титулата се и инвестициите во инфраструктура, за кои во овој мандат, градското раководство не покажа никаков интерес. 

Начинот на објавување на овој Повик (само на интеренет страницата на Универзална сала, без објави во медиуми и на социјални мрежи), краткиот рок за аплицирање и несфатливите услови кои треба да ги исполнат заинтересираните, непрецизните одговори на надлежните за овој повик, оставаат горчлив вкус дека, веројатно, целта не е да се обезбеди вистинска инклузивност и ангажман на потврдени и етаблирании организации и стручњаци, туку на оние кои на некој чудесен начин, технички ги исполнуваат условите за учество.

Текстот е напишан во соработка со gradska.mk

- Реклама -