Сиљановска-Давкова на литургија во црква во Њу Џерси за празникот Мала Богородица

На средба со иселениците, претседателката најави дека наскоро ќе иницира формирање на Совет за соработка со дијаспората

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, присуствуваше на литургија во црквата „Свети Никола“ во Њу Џерси, САД, по повод празникот Рождество на пресвета Богородица – Мала Богородица. На средбата со иселениците, како што пренесе МИА, претседателката најави дека наскоро ќе иницира формирање на Совет за соработка со дијаспората. 

„Не случајно сум тука денеска меѓу вас. Мислам дека вие сте нашите најдобри амбасадори. Вие во најубава светлина ја претставувате татковината без оглед на верата. Затоа мислам дека многу важно е да имаме постојани контакти. Еден од органите што јас набрзо ќе ги формирам со мојот тим е Советот за соработка со дијаспората“, 

кажа претседателката.

Фото: МИА

На средбата присуствуваше и вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, а за попладне по американско време е предвидено македонската делегација да го посети граѓанскиот центар „Дебар“ и џамијата во Њу Џерси.

Фото: МИА

Претседателката Сиљановска-Давкова утре ќе се обрати на Самитот на иднината, што ќе се одржи во седиштето на ОН, на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“ со учество на шефови на држави и влади. Претседателката ќе учествува и на Годишниот состанок на Платформата на жени лидери на Генералното собрание на Обединетите Нации, на тема „Еднакво учество на жените во процесот на донесување одлуки: обезбедување на мир, социо-економски можности, одржлив развој и човечко достоинство за сегашните и идните генерации“, додека на покана на претседателот на САД, Џо Бајден, ќе присуствува на состанок на тема „Глобална коалиција за справување со заканата од синтетички дроги“.
 
Сиљановска-Давкова в четврток е предвидено да се обрати на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на ОН, што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации“. 
 
Во македонската делегација се и вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

- Реклама -