Сиљановска Давкова: На регионот не му е потребна гола ЕУ-реторика, туку доследна ЕУ-логика, да не се блокираме, туку да соработуваме и поддржуваме

Имаме заедничка одговорност да придонесеме за зачувување на мирот во Европа, градејќи демократски, безбеден и просперитетен континент, истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова во обраќањето на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува денеска во Скопје, како завршна активност во рамки на македонското претседавање со Процесот под мотото „Премостување на поделбите, градење доверба“.

Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзинмиот кабинет, оцени дека во изминативе 28 години, Процесот им помогна на учесничките да затворат некои отворени прашања, да изградат меѓусебна доверба и да соработуваат за постигнување на заедничката цел, а тоа е целата Југоисточна Европа да добие едно заедничко знаме – знамето на Европската Унија.

Овие заеднички заложби, според неа, дадоа конкретни резултати – некои станаа полноправни членки, други започнаа преговори за членство, а трети се кандидати или имаат поднесено апликација за членство.

– Но и покрај досегашните неспорни постигнувања, сведоци сме на забавување во регионалната соработка, особено изминативе години, поради стагнацијата во европската интеграција, недоволната инфраструктурна и енергетската поврзаност, демографското стареење и масовното иселување на младите. Сето ова, рече Сиљановска Давкова, кулминираше со руската агресија против Украина, што е закана за мирот и стабилноста, но и за човечката и енергетската безбедност и безбедноста на храната.

Според претседателката, довербата се гради преку одрекување од двојните стандарди и почитување на правото и правдата, на принципите на меѓународното право, вклучително и преку немешање во внатрешните работи на државите.

– Во контекст на европската интеграција, тоа подразбира дека учесниците во Процесот од регионот мора да инсистираат на копенхагенските критериуми како единствен услов за членство во ЕУ. Ветото е спротивно не само на логиката на Европската Унија, туку и на просперитетот на целиот регион. Наместо меѓусебно да се блокираме, ние треба да се однесуваме скандинавски, да соработуваме и да се поддржуваме едни со други, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Во однос на европските реформи, таа нагласи дека на регионот не му е потребна гола ЕУ-реторика, туку доследна ЕУ-логика.

– Со други зборови, ни треба демократска политичка култура, владеење на правото и функционална правна држава, човекови права и фундаментални слободи, стручна и компетентна администрација и компетитивна економија. А најдобар, најефикасен начин за имплементирање на овие европски придобивки се преговорите и членството, рече претседателката.

Но, како што посочи, за регионалната соработка да биде поефикасна, мора да продолжи да се гради регионална синергија меѓу процесите, како што се Берлинскиот процес, Регионалниот совет за соработка и Процесот „Брдо-Бриони.

– Очекувам, независно од постизборната констелација во Европската Унија, проширувањето да остане на агендата на идната Европска комисија. Ова е важно бидејќи проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот, истакна претседателката Сиљановска Давкова во обраќањето на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на ПСЈИЕ.

Во рамки на Самитот, како што информираат од кабинетот на Сиљановска Давкова, предвиден пленарен состанок на шефовите на делегациите по што ќе следува заедничка прес-конференција на актуелниот, претходниот и идниот претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Процесот за соработка во Југоисточна Европа, како форум за регионална соработка е основан во 1996 година и ги вклучува сите 13 учесници од југоисточна Европа со цел изнаоѓање на решение за регионалните прашања, јакнење на добрососедските односи, промовирање на дијалог и соработка и поттикнување на европската и евроатлантската интеграција на земјите од Југоисточна Европа. Во таа насока, главните цели на ПСЈИЕ се унапредување на политичката и безбедносната соработка, поттикнување на економската соработка и проширување на соработката во областа на човековите права, демократијата и правдата.

- Реклама -