Силјановска-Давкова: Нема поголема промена од тоа за прв пат во нашата држава да има претседател жена

Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство, ако држи партиски линии, изјави кандидатката за претседателка, Гордана Силјановска Давкова.

На вечерашната прес-конференција во Централниот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска Давкова рече дека портите на, како што рече, „граѓанските позајмени канцеларии“ се отворени за сите.

– Она што го ветив во предизборната кампања, почнувајќи од народните канцеларии, преку обраќањата до Парламентот, преку личностите во Судскиот совет, Уставниот суд и Советот за безбедност, дека ќе ги вршам врз основа на стручност, компетентност и нема да ја заборавам разноликоста, рече таа.

Како што дополни, мора да се обидеме да ставиме крај на балканизацијата, да помагаме едни на други, да бидеме политичари.

– Затоа ние мораме да почнеме меѓусебе да се разбираме, да се помагаме, да не посегнуваме по вето, туку да посегаме по поддршка, рече таа, дополнувајќи дека нејзините патишта водат прво на Балканот, а, Брисел, како што дополни, е неизоставен.

Силјановска Давкова потенцираше дека ќе ги брани државните и националните интереси и упати честитка до граѓаните. 

– Зошто најголеми честитки за граѓаните? Покажаа граѓански имунитет. Граѓанска отпорност на притисоците. Оти да повикувате на бојкот е партиски и политички притисок. Да одите по домовите со списоци е исто така политички и партиски притисок. Значи, се одважија македонските граѓани без оглед на етничката, верската, социјалната и каква било положба да излезат стамено, достоинствено, стоечки и да го дадат гласот на оној на кој што сакаат, рече таа.

Прочитајте и:  Сиљановска Давкова лично и го честиташе изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО

Според Силјановска Давкова, нема поголема промена од тоа за прв пат во нашата држава да има претседател жена.

– Има ли поголема промена од таа за првпат во оваа државичка, држава, жена да стане претседател? Има ли поголема инспирација за умните жени – нема. И јас мислам дека со мене, држете ме до збор, кога ќе се опкружам со жени слични на мене, жени по моделот на Ватцлав Хавел, субверзивни, свои, стамени, кои умеат да изразат став на свој начин, на поинаков начин од машкиот, да го бранат тоа е некаков голем исчекор и тоа е за мене реформски чекор, потенцираше таа.

Силјановска Давкова ги поздрави напорите на новинарите и на Државната изборна комисија за вложениот труд во изборната кампања и посочи дека очекува оцена за фер и демократски избори.

Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференција вечерва ги објави првичните неофицијални резултати од вториот круг на претседателските избори, со што и официјално почнуваат да течат роковите за евентуални приговори за гласањето. Извесно е дека победничка на изборите е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, која што, според ДИК, од добиените резултати до 22:20 часот, од преброени 84, 26 отсто од гласовите, освоила 457.111 гласови, додека, нејзиниот противкандидат, Стево Пендаровски 206.407 гласови.  

Првичните резултати од денешните парламентарни избори што Државната изборна комисија ги објавува на својата веб-страница, покажуваат дека од обработени 73,74 избирачките места, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ има освоено 290.681 (41,79%), Европски фронт на ДУИ 105.362 (15,15%), Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ 99.363 (14,29%), а Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ 84.617 (12,17%). 

- Реклама -