Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Самитот за соработка во Југоисточна Европа во Софија упати повик за обновување на духот на регионалната соработка и враќање кон основните принципи на овој процес, воспоставен пред три децении. Во своето обраќање, таа изрази загриженост за сериозните предизвици со кои се соочува регионот, како што се масовното иселување на младите, стареењето на населението, економското заостанување и влошените геополитички околности.
Според неа, решавањето на овие проблеми бара храбро и одговорно лидерство, кое што ќе се темели на солидарност и заеднички интереси, а не на ограничени и парцијални политики. Сиљановска-Давкова истакна дека процесот на проширување на Европската Унија мора да се базира на Копенхашките критериуми и дека динамиката на пристапувањето треба да зависи исклучиво од напредокот во реформите.
Повикувајќи се на зборовите на бугарскиот писател Георги Господинов дека „кога вратите на иднината се затвораат, минатото станува единствената татковина“, таа нагласи дека Балканот има потреба од дебалканизација преку европеизација. Сиљановска-Давкова оценува дека европската интеграција е не само природна, туку и геополитичка и безбедносна потреба, потенцирајќи дека стабилен и просперитетен Балкан е во интерес на сите земји од регионот и на Европа.
„Успехот на секоја држава треба да се гледа како успех на целиот регион. Наместо да бидеме затворени во блокади и поделби, треба да се натпреваруваме во знаење, иновации, култура и економски развој“, истакна Сиљановска-Давкова, повикувајќи на поголема регионална одговорност како предуслов за предвидлива и сигурна заедничка иднина.




