„Сметам дека е најдобро лично да ѝ изразам честитки за престижната функција, која е од големо значење, не само за неа, туку и за државата“, напиша претседателката на државата на Фејбук, информирајќи дека денеска во утринските часови имала телефонски разговор со Шекеринска
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова в петок, на средба што ја договориле денеска, лично ќе и го честита на Радмила Шекеринска назначувањето за заменик-генерална секретарка на НАТО.
Сиљановска-Давкова доцна вечерва преку објава на нејзиниот официјален фејсбук-профил информираше дека денеска во утринските часови остварила телефонски разговор во кој ја поканила Шекеринска на средба за да ѝ го честита изборот на високата функција во НАТО.
„На предлог на госпоѓата Шекеринска, средбата ќе се одржи во петок, во 10 часот. Сметам дека е најдобро лично да ѝ изразам честитки за престижната функција, која е од големо значење, не само за неа, туку и за државата“,
напиша претседателката на државата во објавата.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вчера соопшти дека одлучил да ја назначи поранешната македонска вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска за следна заменик-генерална секретарка во Алијансата.
Шекеринска порача оти посветено ќе работи за уште посилна и побезбедна Алијанса и дека е привилегирана да служи како заменик-генерален секретар во Организацијата.
За изборот на Шекеринска ѝ честитаа голем број светски лидери, како и сопартијците од нејзината матична партија, СДСМ. Од најголемата опозициска партија денеска реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одбрале да го одмолчат назначувањето на Шекеринска во НАТО.
Премиерот, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање, пак, рече дека уште вчера ѝ се јавил на Шекеринска и ѝ честитал за изборот на функцијата во НАТО.
„Уште вчера ѝ се јавив по телефон на Шекеринска и разговаравме, нема дилема дека треба да соработуваме и заедно да направиме сè што можеме да ѝ помогнеме на македонската армија, а со тоа и за безбедноста и сето она што им е потребно на македонските граѓани“,
рече Мицкоски.
Тој нагласи дека лично тој и Владата немале дилема да ја поддржат кандидатурата на Шекеринска, без оглед на политичките и идеолошките разлики.