„Решив дека е подобро сепак да не правам скандал, значи не го направив јас скандалот ни гафот, туку домаќинот веројатно направил превид. Очекував претходно да ми каже некој дека ќе има снимање за да можам јас да одговорам дека, видете можеби вашиот протокол така вели, но јас очекувам поинаков однос, не затоа што не го почитувам протоколот, туку заради тоа што ја знам зовриената атмосфера и во едната и во другата држава“, изјави претседателката на државата во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител
На прашањето дали има шеф на протокол и дали ќе има некаква одговорност за него во врска со настанот, Сиљановска-Давкова рече дека нема да има такво нешто
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова вели дека доколку си заминела кога забележала дека го нема македонското државно знаме во просторијата за фотосесии во кабинетот на нејзиниот бугарски колега, Румен Радев ќе предизвикала скандал и одлучила да не го направи тоа.
Вели дека таа не го направила скандалот или гафот со фотографирањето со Радев во просторијата каде беа истакнати само две знамиња на Бугарија покрај оние на Европската Унија, туку дека домаќинот веројатно направил превид.
Она што според претседателката сè уште создава дилема кај неа е зошто не била информирана за тоа.
Сиљановска-Давкова за настанот кој веќе три дена ја бранува јавноста, отсуството на македонските државни симболи при ракувањето со бугарскиот претседател Румен Радев за време на посетата на Софија во петокот, вечерва говореше во интервју во „Тема на денот“ во Дневникот на ТВ Сител.
„Јас ги знам протоколарните правила на Бугарија, ги знам и на многу други држави. Знам дека домаќинот го утврдува протоколот, знам дека имало примери кога доаѓале и други државници, меѓутоа не биле истакнати државните симболи. Но, она што мене ме зачуди и не мислам дека беше сторено намерно, е зошто не бев информирана за тоа. Последниот договор бил дека ќе има слика од тет-а-тет средбата, се разбира од ручекот нема да има слика, но јас не знаев дека ќе треба да се сликам и во просторот каде што се одржуваат фотосесиите. Кога тргнавме, мислевме дека ќе одиме во просторија за разговор. Одеднаш, кога влегов во просторијата, ги видов двете знамиња и требаше да размислам што да направам. Едната мисла беше дека можам да си заминам и ќе направев скандал, а другата беше дека домаќинот ги утврдил правилата и дека домаќинот греши, а не јас. Во тој момент решив дека е подобро сепак да не правам скандал“,
вели Сиљановска-Давкова.
Она што го очекувала, вели таа, е претходно да биде информирана од некого дека ќе има снимање, за да, како што вели, може да одговори.
„Во тој момент, јас и покрај тоа што не знам што ми се случуваше во организмот, можете да замислите, решив дека е подобро сепак да не правам скандал, значи не го направив јас скандалот ни гафот, туку домаќинот веројатно направил превид. Или што очекував јас, очекував претходно да ми каже некој дека ќе има снимање за да можам јас да одговорам дека, видете можеби вашиот протокол така вели, но јас очекувам поинаков однос, не затоа што не го почитувам протоколот, туку заради тоа што ја знам зовриената атмосфера и во едната и во другата држава“,
додаде претседателката.
Наместо да направи скандал, Сиљановска-Давкова вели дека решила да седне со Радев и да му објасни, како што рече, сè. Разговорот рече бил долг, пријателски и со почит и за време на кој, таа ниту за миг не ги заборавила македонските национални интереси.
„Мислам дека успеав на пристоен, културен, претседателски, државнички начин да му кажам што е нашата позиција и што очекувам“,
рече претседателката во интервјуто.
На прашањето дали има шеф на протокол и дали ќе има некаква одговорност за него во врска со настанот, Сиљановска-Давкова рече дека нема да има такво нешто.
„Нема зошто да има одговорност за шефот на протоколот на Гордана Сиљановска бидејќи цело утро, можете да проверите и амбасадорката (Агнеса Руси-Поповска) и шефот на мојот протокол контактираа, бараа контакт по телефон со шефот на протоколот на г. Радев, но тоа не беше можно, дури ниту кога влегов, ниту на шефот на мојот протокол, ниту на амбасадорката не ѝ беше предочено дека според протоколарните правила за овој вид на посета нема потреба од истакнување на знамето на гостинката“,
кажа претседателката.
Во врска со денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски Мицкоски дека случајот покажува дека намерата на Бугарија не е внесување на Бугарите во Уставот, туку да покажува мускули, претседалката изјави дека станува збор за перцепција на Мицкоски.
„Перцепцијата на г. премиер Христијан Мицкоски е негова перцепција. Не е случајна, веројатно и сите вие и мнозина од граѓаните, тоа го гледам по реакциите иако понекогаш ние треба да се научиме да не реагираме со чувства, туку со разум и пред да кажеме нешто да изброиме барем до три, јас го разбирам, јас ви реков дека за еден миг и за мене беа таквите дилеми дали ова не е намерно за да бидам потценета или да не е намерно за да не дојде до средбата и тогаш се знае кои хорови најмногу пеат кога ќе дојде до таков скандал“,
рече Сиљановска-Давкова.
За тоа дали разговарала со премиерот Мицкоски во врска со средбата со Радев претседателката рече дека сè уште не разговарала со него, но најави дека двајцата ќе се сретнат пред неговото заминување во Брисел неделава.
„Во среда ќе се видам со Мицкоски. Јас одговорно тврдам дека во текот на тет-а-тат средбата и во текот на ручекот со Радев имаше жесток дијалог, ама дијалогот не беше насочен кон проблемите и несогласувањата, туку кон тоа што може да направиме заедно со првиот сосед и дека оваа средба беше прв чекор кон тоа“,
рече Сиљановска-Давкова.
Прашана дали очекува промената на членовите во историската Комисија да влијае на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, претседателката рече дека не е добро науката да функционира под капата на политиката.
„Не е добро науката да функционира под капата на политиката. Мислам дека се заканува политизација на процесот. Не можам да ја оценувам работата на претходната Комисија и што ќе прави сегашната, но никогаш нема штета од научен разговор“,
додаде претседателката на државата.
Во врска со зачестените случаи каде министри почнуваат да го користат уставното име на државата – Република Северна Македонија, Сиљановска-Давкова рече дека придавките сами по себе не значат ништо и дека суштината е државата Македонија.
„Владата е реална или тоа е реален оптимизам и ја признава реалноста. Реалноста е отсликана во името на документите, називот на Кабинетот на претседателот. Јас тоа го признавам. Она што би сакала, е кога некаде ќе се напише или ќе се каже Република Македонија мора да има една ѕвездичка и во фуснота да се каже дека е името сменето во 2019 година. Дури ни законите немаат ретроактивно дејство, а камоли име. Јас не сум се родила во Северна Македонија и сакам да ми напише некој оти тоа е многу коректно“,
изјави Сиљановска-Давкова.