Симовски: Забележлив е тивок бојкот на пописот во Австралија, САД и Канада, веројатно се должи на антикампањата

Одзивот на пописот во дијаспората е добар, но во некои земји забележлив е тив бојкот, вели првиот човек на Државниот завод за статистика – Апостол Симовски, посочувајќи ги Австралија, но и САД и Канада.

„Ако ги погледнете податоците, ќе видите дека дневно се попишуваат некаде над 4.000 луѓе, што е одлично темпо. Но ако ги погледнете по земји, ќе видите дека некаде навистина има бојкот. И имаме информации. Имавме информации, на пример, за Северна Америка, дека јавно се агитира и се јавуваат по мејлови на нашите иселеници да не учествуваат во пописот, за потоа истите тие да им пишуваат ‘јавувајте се на пописот’“, изјави Симовски во разговор со „ТВ 24“, откако претходно за „Канал 5“ соопшти дека мал одзив има во Австралија, Канада и САД, а причината ја лоцираше во антикампањата што се води против пописот.

„Очигледно е дека и во Австралија имаме голема антикампања. Меѓутоа, тоа е тоа, што да речам. Ако некој ѝ мисли лошо на државата и своите граѓани, тогаш тоа е тоа. Не можам да… Не постои начин да ги спречиме“, рече Симовски.

Тој уште еднаш ги охрабри иселениците да се попишат, со порака дека тоа е, прво, во нивни личен интерес, а потоа и во интерес на државата, за да се соберат информации колку и каде имаме наши сограѓани.

- Реклама -