Синер ослободен од обвиненијата за допинг


Актуелниот тенисер број еден во светот, Италијанецот Јаник Синер, беше ослободен од обвиненијата за допинг и покрај двата позитивни теста во март, објави Меѓународната тениска единица за интегритет (ITIA).

Помалку од милијардити дел од грамот клостебол е пронајден во телото на Синер.

Во текот на истрагата беше прифатено објаснувањето на Синер дека анаболниот агенс клостебол влегол во неговото тело преку масажа на еден од членовите на неговиот тим, кој претходно користел спреј за третман на кожа кој содржи клостебол, кој може легално да се набави во секоја аптека.

„Секој позитивен тест е проследен со привремена суспензија. Меѓутоа, во двата случаи, Синер се жалеше на привремената суспензија, и овие жалби беа прифатени, па тој можеше да продолжи да игра“, објаснуваат од ITIA.

Синер, кој во понеделникот ја освои титулата на Мастерс 1000 во Синсинати, рече дека целосно соработува со ITIA.

„Сега овој предизвикувачки и несреќен период е зад мене. Ќе продолжам да правам сè за да останам во согласност со антидопинг програмата на ITIA“, објави Синер.

Сепак, Светската антидопинг агенција (WADA) и Италијанската антидопинг агенција (NADO Italia) имаат право на жалба на оваа одлука.

- Реклама -