Во 21 век романтиката е сé уште жива. За жал. Си чмае некаде длабоко во женската душа и раѓа страшни недоразбирања и доведува до тешки и болни разединувања меѓу очекувањата и реалноста.
Тоа јасно може да се види од само една петочна вечер, кога сингл жената ќе одлучи да оди во бар. Еве како:
Друштвото
Очекувања: Полно е со млади мажи со неодолив изглед, со интересни професии, со сопствени станови, со смисла за хумор, висока интелигенција и плочки под облеката бирана со стил. Малку ти доаѓа премногу од нивното внимание, но што ќе правиш, ќе ги истрпиш во името на забавата…
Реалност: Се сретнуваш со пријателката. Таа е облечена во некоја обична износена блузичка и патики, а ти со пет слоја шминка и на тенки штикли. Се чувствуваш како транссексуална проститутка уште откако си излезена, но сега, благодарение на контрастот, тоа ќе го забележат и другите.
Останатите од друштвото ќе ги нема уште најмалку 2-3 часа, бидејќи се дома, јадат и гледаат медицински серии. После тоа може ќе поминеле. Евентуално.
Одиш кон барот, а попат невешто го триеш карминот со влажна марамица.
Атмосферата
Очекувања: Пријатна музичка, нешто џези. Пригушено светло. Пиеш вкусно Блади Мери, приготвено од симпатичен шанкер кој ти става две маслинки повеќе. Се впушташ во жежок танц, со бедрата го вртиш светот. Двете години спортување и диетите се исплатеа. Оуу, да…
Реалност: Освен тебе и другарка ти, во локалот се наоѓа само барменката и лезбејски пар во аголот. Излегува дека си на едно од оние места каде нудат само мали пива по цена од две големи.
Музиката е тешка, електронска и многу гласна. Порачуваш едно Блади Мери, а девојката зад шанкот ти довикува нешто нејасно. Ти ја погледнуваш збунето, но потврдно климнуваш со глава. Ти го носи Мери-то.
Подоцна сфаќаш дека всушност те прашувала „и за нив ли“, алудирајќи на парот во кој несвесно си зазјапала додека нарачуваше. 20 и кусур евра отидоа…
Мажите
Очекувања: Ова е ноќта во која ќе го сретнеш мажот на својот живот, еднаш и засекогаш. Тој влегува со бел коњ во барот, те повикува да се качиш со него и никој веќе не слуша ништо за тебе.
Реалност: Како што си ќутите со Радица, одеднаш влегува бившиот со новата девојка – 19 годишна афирмирана моделка, моден инфлуенсер и фешн блогер, фриленсер, уметник и секс-симбол.
Се молиш да те одмине, но тој доаѓа – видливо во добра форма (се гледа дека вежба), и те запознава со Лаура, бидејќи и двајцата сте градски луѓе мајкому, а не сељаци.
Се молиш да го удри камион.
Запознавање
Очекувања: Не трпиш некој да те части, особено непознати, но што да правиш кога цела вечер симпатични кавалери ти порачуваат коктели и те опсипуваат со комплименти, а без да се премногу нападни. Туку така…
Еден од нив ти вели дека те помешал со Скарлет Јохансон, ама после сфатил дека ти си далеку поубава од неа. Потоа ти објаснува за хуманитарните акции во кои учествува неговата фирма, како и тоа дека во слободно време е активист за заштита на загрозените видови – поконкретно, за македонскиот рис.
Реалност: На патот кон тоалетот пијан маж се удира во тебе и без да сака те притиснува до ѕидот со сета тежина. Ти почнуваш да се гушиш и пробуваш да го оттурнеш мафтајќи со рацете во сите правци. Се појавува неговата крупна девојка, лута, и почнува да ти вреска во лице додека пробува да го задржи саканиот на нозе. За среќа тој ѝ повраќа врз градите, па ти успеваш да се измолкнеш и да се заклучиш во тоалетот додека не се расчисти ситуацијата.
Крајниот резултат
Очекувања: За прв пат по подолго време си успеала да се забавуваш вистински, бидејќи животот не е само одење на работа и јога со возрасни тетки.
Следнава недела барем ќе те држи доброто расположение, а и нема да можеш да се ослободиш од постојаните пораки на досадните, но секси мажи кои молат за твоето внимание.
Реалност: Немаш пари, немаш самодоверба, имаш тежок мамурлак, и тоа кој трае три дена, а од само два коктела. Другите ги испија оние лезбејките што ги частеше.
Си ветуваш дека во следните 4 години веќе никогаш нема да излезеш после 9 навечер, особено ако се расчуе дека ја молиш другарка ти да го тргне тагот од сликата на која таа е рамо до рамо со транссексуална проститутка која ти одвај ја познаваш.
Во 22:000 си сипуваш чајче од нане, се испружуваш под ќебето и си пушташ медицинска серија. Во 22:10 веќе спиеш. И така до следната петочна вечер…
Антонија Антонова