Синот на Иван неизмерно благодарен на Диневи и на докторите: По вторпат го враќаат татко ми во живот

Иван Огненовски – 54-годишниот пациент кој го доби срцето на Емилија Динева благодарение на првата трансплантација на срце извршена во земјава, е буден и се чувствува добро, објави денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој утрово го посети Иван во болница.

„Верувам дека овој историски подвиг на македонското здравство, овој највисок акт на човечност и хуманост, ќе ја подигне свеста за органодарителството и ќе имаме уште многу успешни трансплантации“, истакна Филипче.

Тој сподели и фотографија од синот на Иван – Васил, во момент на другарски поздрав со еден од најзаслужните:

„Прекрасна фотографија од синот на Иван, Васил и Д-р Жан Митрев“, напиша Филипче.

„Пред сѐ едно големо coчувство и големо благодарам до фамилијата што со донирањето спасија три животи, од кои еден е животот на татко ми. Еднаш докторите го спасија, го вратија меѓу живите, сега тоа го прават уште еднаш и едно многу големо благодарам за нив. Во државата имаме многу добри доктори што ќе спасат милиони животи. Сакаме да се запознаеме со семејството на донаторката, но пред сѐ, нека стивне нивната бoлкa. Со мојот татко, кога ќе биде во добра состојб,а би сакале да им изразиме сочувство и да им кажеме дека нејзиното срце сѐ уште чука“, изјави Васил за медиумите.

Сега, пак, по успешната операција, следува најважниот период од закрепнувањето на Иван, посочи министерот Филипче – периодот во кој телото на Иван треба да го прифати новиот opган. „Докторите максимално посветено ќе го водат низ овој процес“, истакна Филипче, посакувајќи им среќа на сите.

- Реклама -