Да реагира во случај на прекршување на Договорот од Преспа, со користење на средства како замрзнување на европската перспектива, бара од грчката Влада опозициска СИРИЗА, која паралелно ја критикува дека во изминатите пет години не сторила ништо за да го заштити Договорот и да ја унапреди соработката со соседната земја, јави дописничката на МИА од Атина.
Од СИРИЗА велат дека Грција сега е соочена со „негативните последици од надворешната политика на Мицотакис, кој избра катастрофална неактивност во однос на спроведувањето на Договорот од Преспа“.
– Владата мора да го напушти овој пасивен став и веднаш, врз основа на одредбите од Договорот и со мобилизирање на сите достапни дипломатски средства на меѓународно и европско ниво, со строгост, да се соочи со секоја употреба на термини или постапки од новата претседателка и членовите на новата Влада на Северна Македонија кои го прекршуваат Договорот од Преспа – особено уставното име. Потсетуваме дека овие средства вклучуваат и замрзнување на интегративната перспектива на соседната земја, како и активирање од САД на законот усвоен во јуни 2021 година, што предвидува санкции во случај на оспорување /прекршување на Договорот од Преспа, пишува во соопштението од СИРИЗА.
Дополнително посочуваат дека Владата на Мицотакис „пет години не направи ништо за да го заштити Договорот“, а како пример споменуваат дека сè уште ги нема ратификувано меморандумите, не направила ништо за „промената на учебниците“ „за промена на трговските ознаки на компаниите од соседната земја“, но и за промена на сообраќајните табли во Грција.
-Не само што не ги ратификуваше трите меморандуми од 2019 година кои имаа јасни придобивки за земјата, туку не се одржа ниту еден Висок совет за соработка – и покрај предвиденото за еднаш годишно, а беше потпишан само еден меѓудржавен договор наместо да се договорат десетици нови, велат од СИРИЗА.
Паралелно, ја повикуваат Владата „конечно да биде на ниво на задачата и да бара, како на билатерално така и на меѓународно ниво, верно спроведување на одредбите од Договорот од Преспа“.