Проблемот со Бугарија е навистина смешен, повтори денеска премиерот Зоран Заев во гостување во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.
Тој посочи дека и на меѓународните средби и пред новинарите, реакцијата на бугарските лидери/претставници е дека тие „ја признаваат реалноста“ дека македонскиот идентитет и јазик постојат, но го покренуваат прашањето за „корените“. Како што откри Заев, сакајќи да посочи колку е апсурдна ситуацијата, тој на оваа тема се шегувал и во разговорите со неговиот доскорешен бугарски колега – Бојко Борисов.
„Знаете како, со Бојко кога сум разговарал… Разговаравме и за тоа… Знаете како, и тој е православен христијанин и јас сум православен христијанин, и многу е едноставно за сфаќање, пустото, бидејќи тој ме праша ‘Како го сфаќате вие тоа со корењата?’… Е вака, му велам: По науката, сите сме од мајмуните, така? По религијата, сите сме од Адам и од Ева. Е како бе тоа, само Македонците настанале од Бугарите, од цел свет? Или Бугарите од Македонците? Или сме од мајмуните, или сме од Адам и Ева“, сподели Заев.
Сепак, тој ја посочи и посериозната страна на спорот.
„Јасно е. Има историско-образовна комисија, треба таа комисија да ги разработи сите можни аспекти. Но, на крајот, го фаќаш ликот (*алудирајќи на историските личности кои се тема во работата на комисијата, особено Гоце Делчев, н.з.) и гледаш како тоа нѐ прави попријатели, а не како нѐ дели“, рече Заев, потенцирајќи дека алтернатива за ЕУ нема, бидејќи едно е да се европеизирате дома сами, а друго е преку поглавјата, со кои според новата методологија добивате и средства од кохезионите фондови, кои ги овозможуваат, олеснуваат и дополнителнително ги мотивираат реформите.
Во меѓувреме, истакна премиерот споменувајќи ги напорите на португалското претседателство со ЕУ, државава и сите инволвирани мора да ги прават сите можни напори за одржување на првата меѓувладина конференција на земјава со ЕУ, без оглед дали во Бугарија има техничка или регуларна влада и без оглед на нејзината подготвеност за решение.