Неодамна во рамки на издавачката куќа АРТКОНЕКТ се објави романот „Сиви пчели“ на Андреј Курков. Андреј Курков (1961) е еден од најзначајните и најпреведуваните современи украински писатели. Неговите книги се преведени на повеќе од 30 јазици.
„Сиви пчели“ е воен роман во кој војната има периферна улога, а централно место зазема приказната за обичниот човек кој се осмелува да отпатува во непознатиот свет со своите пчели и да се соочи со непредвидливи тешкотии. Ова патување е еден вид современа одисеја на главниот лик низ земјата исполнета со многу противречности и страдања. Каде и да оди, детската едноставност и цврстото чувство за праведност на главниот лик Сергеич ги обезоружуваат непријателски расположените луѓе со кои тој ќе се сретне.
„Сиви пчели“ е еден од најпознатите романи на Курков. Францускиот превод на овој роман ја доби наградата Prix Médicis étranger, а англискиот превод ја доби Gregg Barrios Book in Translation Prize.
Оваа книга е објавена во рамки на проектот „Соочување со неизвесноста: современа европска литература“ што издавачката куќа Артконект го реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ. Преводот е на Милена Николовска.