Скопје денеска се најде на третото место меѓу најтоплите градови во Европа, со измерени 41,7 степени Целзиусови во скопското село Петровец во периодот од 14 до 15 часот. Овие податоци ги пренесе метеоролошкиот портал „Огимет“, кој собира информации од целиот свет.
На првото место е турскиот град Ајдин, каде температурата достигна 42,6 степени, а второто место му припадна на Фетие со 41,7 степени. Топлинскиот бран го зафати и останатиот дел од Турција, каде во уште пет градови температурата надмина 41 степен: Урфа (41,4°C), Анталија (41,3°C), Дикили (41,2°C), Измир (41,2°C) и Маниса (41,2°C). По Скопје, со ист температурен степен (41,2°C), се најдоа Мерида (Шпанија) и Сер (Грција).
На светско ниво, највисоката температура денеска е измерена во Кувајт, и таа изнесува 47,2°C, додека најстудено беше во руската антарктичка база Восток со -75,5°C.
Според податоците од „Огимет“, најмногу дожд наврна во Индија, најсилен ветер дуваше на Гренланд, а најтоплото место по просек во последните 24 часа беше населбата Џалони во Оман со 44°C.




