Скопје под карантин поради 15 семејства, за Филипче мерката е оправдана

„Околу 15 семејства вкупно носат 90% од новите случаеви, што значи дека болеста се шири тесно во рамките на овие кластери. Имаме втор бран кој е резултат на непочитување на мерките. Сметаме дека бранот многу кратко ќе трае, но да останеме максимално внимателни и претпазливи“, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, на која соопшти досега рекорден број на новозаразени (180) во 24 часа. Оваа иста поента, Филипче ја повтори и на социјалните мрежи.

Од друга страна, на истата прес-конференција на која посочи дека 90% од новите случаи се во рамките на 15 семејства, Филипче потенцираше уште една поента – дека последните новодијагностицирани случаи ја потврдуваат исправноста на одлуката за воведување на дополнителна рестрикција во главниот град, но и во другите градови и региони каде има новодијагностицирани пациенти.

Пред само неколку дена, пак, вицепремиерот и шеф на Кризниот штаб – Бујар Османи, изјави дека новите кластери не се резултат на укинувањето на полицискиот час и олабавување на мерките, туку дека заразените се од периодот додека на сила беше полицискиот час. Сепак, и овој продолжен викенд повторно е воведен полициски час, кој властите, вклучително и министерот Филипче, го оценуваат како оправдан.

И тоа што голем број од граѓаните од Скопје и другите градови под целосен полициски час заминаа на продолжен викенд низ државата, не значи дека мерката за целосен карантин е неоправдана, според Филипче, бидејќи било очекувано:

„Кога има продолжен викенд, секако се очекува луѓето да заминуваат надвор од Скопје, но колку и да заминуваат, мора да ги почитуваат мерките. Потребно е само носење на маска, миење раце и држење дистанца. Да не се групираат и да носат маска. Мора да научиме да живееме со ова и понатаму. Ние во следните чекори планираме и отворање на хотелите. Така што, овие мерки се универзални. Ниедна земја нема да може да се справи со ова ако граѓаните не се придржуваат на мерките“.

Прочитајте и:  Филипче: Многу отворени прашања за унгарскиот кредит, ние дававме кредити со многу пониски каматни стапки

Патем, министерот Филипче на прес-конференцијата истакна и дека вирулентноста на вирусот значајно слабее. Анализата на симптомите на новите случаи во изминатите 7 дена, рече, укажува дека има случаи кои се асимптоматски и се многу лесни симптоми – близу 90 проценти. Сепак, категорично предупреди дека вирусот е тука и се шири и дека непочитување на мерките ќе значи само продолжување на кризата и никако не помага на целиот тим епидемиолози, инфектолози вклучени во оваа борба кои 3 месеци интензивно работат.

За потсетување, пред само шест дена, на прес-конференцијата на која соопшти уште 14 дена вонредна состојба, претседателот Стево Пендаровски упати порака до Владата дека несовесните граѓани не смеат да бидат повод за казнување на совесните:

„Негативните трендови забележани во некои општини не смеат да бидат повод да се враќаат рестриктивните мерки на целата територија и кон сите граѓани. Надлежните органи и министерства мора да ги санкционираат сите граѓани кои не ги почитуваат мерките, без исклучок и неселективно, сосема независно од нивната етничка и верска припадност. Со неказнувањето на оние кои свесно не ги почитуваат законите се остава простор за враќање на кризата на самите почетоци и крајно неоправдано заради тоа сите останати треба да ги трпат рестриктивните мерки иако за сето време ги почитувале и законите и препораките“, категоричен беше претседателот.

- Реклама -