Од 19 до 22 мај во Скопје ќе се одржи 17-то издание на Меѓународниот фестивал и натпревар за класична гитара „Тремоло“. Оваа културна манифестација долгогодишно ги собира љубителите на класичната гитара, студентите, професорите и младите музичари од нашата земја и надвор.
Фестивалот се реализира под покровителство на Град Скопје, а и оваа година публиката ќе има уникатна можност да ужива во две концертни вечери со настапи на светски познати гитаристи.
Свеченото отворање е предвидено за 19 мај во Музејот на Македонската борба, со почеток во 18:30 часови, каде ќе се претстави српскиот гитарист Милош Вуковиќ.
Уште следниот ден, на 20 мај, во Македонската Филхармонија, љубителите на гитарата ќе можат да бидат дел од вистински музички спектакл со „Air Flamenco“ и настапот на шпанскиот уметник José Luis Martínez Moreno. Концертот исто така започнува во 18:30 часот.
Покрај концертниот дел, на 21 мај ќе се одржат и натпревари за млади гитаристи, а фестивалот ќе заврши на 22 мај со мастер часови и работилници во областа на класичната гитара.
Организаторите истакнуваат дека на „Тремоло“ во текот на годините настапиле бројни познати солисти и педагози со светска репутација, што ја унапредило препознатливоста на фестивалот и неговото уметничко ниво.
„Тремоло“ е единствениот фестивал во Македонија целосно посветен на уметноста на класичната гитара, а неговата основна цел е преку концерти, едукација и натпревари да ги мотивира младите гитаристи да продолжат со својот развој и, еден ден, да настапуваат на светските сценски платна.
Фестивалот е организиран од Детскиот Културен Центар „Карпош“.




