Netflix минатиот месец се најде на удар на критики поради откажувањето на пет серии одеднаш, вклучително и една што гледачите особено ја сакаа. На многумина не им беше јасно зошто Netflix се реши (и се решава) на вакви чекори. Магазинот Forbes откри дека зад ваквата одлука стои скриена метрика според која стриминг платформата се води.
Само седум дена по завршувањето на штрајковите во Холивуд кои ги паузираа сите холивудски продукции, Netflix се откажа од снимање продолженија на сериите „Agent Elvis“, „Captain Fall“, „Glamorous“, „Farzar“, како и популарната „Shadow and Bone“.
Токму обожавателите на „Shadow and Bone“, адаптирана од романите „Grishaverse“ на Леи Бардуго, беа разочарани од откажувањето и на социјалните мрежи го покренаа прашањето околу мотивите на стриминг платформата за ваквиот чекор.
„Зошто воопшто снимате серии ако не планирате да ги завршите?“, „Ми се чини или Нетфликс постојано откажува добри серии?“, прашуваа корисниците.
Is it just me or does netflix up the prices constantly then cancels good shows 👀 #cancelnetflix pic.twitter.com/z6lFx9GrIN
— MOE SARGI (@moesargi) April 28, 2019
Нетфликс навистина има долго и повеќегодишно резиме на откажување на навидум популарни серии додека во исто време снима продолженија на други, помалку гледани серии.
Гледачите често не разбираат зошто, но како што открива Forbes, постои една клучна метрика – „completion rate“, или на нашки, во слободен превод – стапка на догледаност. Оваа метрика покажува колку гледачи всушност ја изгледале серијата до крај.
И така, додека вкупниот број на гледани часови дава идеја за тоа колку време публиката поминува гледајќи го шоуто, „стапката на завршување“ е таа што сугерира дали тие бројки ќе се претворат во верна база на гледачи што би ја гледала и идната сезона.
Како што наведува Forbes, магичниот праг што Netflix си го поставува како услов за некоја серија да добие нова сезона е 50% „completion rate”, односно половина од публиката да ја изгледа до крај. За жал, многу од популарните и високо оценети серии имаат помала стапка на догледаност, што резултира со откажување на нивните продолженија. Со други зборови, Netflix не сака да троши пари на нови сезони на серии чии актуелни сезони поголемиот дел од публиката не ги ни догледува.