„Советот во рамките на своите надлежности е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалникот Арсовска и директорите итно да го нормализираат јавниот превоз во Скопје и да го подигнат нивото на хигиена“, објави претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески
За денеска во 18 часот Советот на Град Скопје ќе одржи итна вонредна седница поради состојбата со јавниот градски превоз, која кулминира откако автобусите на ЈСП од вчера попладне сообраќаат со драстично намален број поради недостиг на гориво. Седницата ја свика претседателот на Советот, Трајко Славески.
„Нефункционирањето на јавните претпријатија во надлежност на Град Скопје, задолжени да обезбедуваат витални услуги за граѓаните, достигна кулминација. Совет на Град Скопје на 21 ноември ќе одржи итна вонредна седница со почеток во 18:00 часот. Советот во рамките на своите надлежности е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалникот Арсовска и директорите итно да го нормализираат јавниот превоз во Скопје и да го подигнат нивото на хигиена“,
сподели претседателот на Советот, Трајко Славески, преку социјалните мрежи.
Поради кризата со јавните услуги со кои се соочува главниот град, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, вчера попладне објави дека од советниците на СДСМ во Советот на Град Скопје побарал да иницираат итна седница. На седницата на Советот, како што посочи, советничката група на СДСМ ќе предложи конкретни мерки, за кои рече дека очекува да ги поддржат сите советници за да им се излезе во пресрет на граѓаните.
За денеска во 10:30 часот е најавена и прес-конференција на советничката група на СДСМ.
Откако од вчера попладне сообраќаат само мал дел од автобусите на ЈСП – оние кои возат на гас – голем дел од граѓаните утринава се организираат и групираат за да стигнат до работните места.
Од синдикатите на ЈСП „Скопје“, вчера информираа дека во главниот град сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите во Автокоманда и во Ѓорче Петров поради недостиг на гориво. Причина за недостатокот на нафта за автобусите е неисплатен долг кон добавувачот „Пуцко петрол“.
Одговорноста за кризата Град Скопје ја префрла на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека „станува збор за смислено сценарио за пропаѓање на претпријатието“.