Во време кога се стремиме во што помал уред да ставиме што повеќе функции, кои потоа како резултат нé тераат почесто да го чачкаме телефонот кога ни е досадно и со тоа нé прават позависни, австрискиот дизајнер Клеменс Шилингер оди со обратен концепт – намалување на зависноста со помош на уред со минимална функционалност.
Се работи за лажен телефон (наречен Substitute Phone) направен од многу пластика и вградени топчиња преку кои можете да скролате и свајпувате до задутре, без ефект. Ништо нема да се случи, ама идејата е дека со тоа барем ќе ви се задоволи онаа тактилната (допирната) страна на зависноста, па вистинскиот смартфон помалку ќе ви недостасува.
Петте модели на Шилингеровиот „смартфон“ се дизајнирани во склад со петте најчести движења кои ги правиме со прстот преку екранот, а колку повеќе го користиме, се смета, толку повеќе ќе сфаќаме колку е апсурдно и бесмислено нон-стоп да се дреме со било каков уред во раката. Со тек на време, тоа би требало да се рефлектира и во нашиот однос кон вистинскиот смартфон.
Едно е сигурно, со лажниот „смартфон“ на Шилингер ќе бидете раат од нотификации, кои се токму еден од главните аспекти што ја создаваат зависноста. Што помалку ги добивате, толку помала ќе биде и гладта за нив.