Смит: Клучни теми на самитот на НАТО во Вашингтон ќе бидат поделба на товарот за одбраната и Украина

Главните теми на претстојниот самит на земјите-членки на НАТО во јули во Вашингтон ќе бидат распределбите за одбрана и помош за Украина, изјави денеска американската амбасадорка во НАТО, Џулијан Смит.

„Голем акцент, особено од страна на САД, ќе биде ставен на распределбата на одбранбениот товар. Тоа е толку важна тема и сакаме да испратиме порака до нашата јавност дека Америка се сеќава зошто ја создадовме оваа Алијанса, зошто е актуелна и денес“, рече амбасадорката Смит во разговор со неколку новинари од Југоисточна Европа.

Распределбата на одбранбениот товар вклучува две посебни прашања, едното е сите членки што е можно поскоро да ја исполнат целта да издвојат најмалку два отсто од својот БДП за одбраната, а второто е колку сите сојузници и помагаат на Украина.

„Сакаме јавноста во САД, како и јавноста во Европа, да разбере дека ова е колективен потфат“, рече амбасадорката.

Таа рече дека очекува следниот месец, кога НАТО ќе објави нови податоци, 22 или 23 земји да ја исполнат целта да издвојат најмалку 2 отсто од БДП за одбраната. Десет години претходно, во 2014 година, кога сојузниците ветија дека ќе се стремат да ја исполнат целта за зголемување на трошоците за одбрана на два отсто од БДП, само три членки тогаш ја исполнија таа цел.

Прочитајте и:  Русин осуден на 14 години затвор за испраќање видеа од руската армија на Украинци

„Ова лето мислам дека ќе имаме 22, 23 сојузници кои ќе ја исполнат таа цел. Тоа е извонредна успешна приказна, но секој од 32-та члена треба да ја исполни таа цел и тоа што поскоро“, нагласи Смит.

Одговарајќи на прашање за безбедносната состојба во Југоисточна Европа, амбасадорката Смит посочи дека САД ги поддржуваат евроатлантските аспирации на тие земји.

Како што е наведено, три земји, Албанија, Северна Македонија и Црна Гора, кои се членки на НАТО, водат преговори за членство во Европската унија, а САД се подготвени да им помогнат на тој пат.

- Реклама -