Смит: НАТО не ја менува позицијата, не е дел од конфликтот со Русија

Брисел, 11 октомври 2022 (МИА) – Постојаната претставничка на САД во НАТО попладнево ги брифираше новинарите за претстојниот министерски состанок за одбрана кој ќе се одржи утре и задутре во седиштето на Алијансата, јави дописничката на МИА од Брисел.

Американската амбасадорка при НАТО, Џулиен Смит, порача дека клучен дел од разговорите на министрите за одбрана на 30-те земји сојузнички на НАТО утре и задутре ќе се фокусира на потребите на украинската војска на терен.

„Специфично тоа што може да се направи повеќе ќе биде клучот на разговорите“, рече таа, како на министерскиот, така и во рамките на контакт групата за Украина.

Смит потврди, како што се очекуваше, дека фокусот ќе биде на потребите во областа на воздушната одбрана на Украина, и додаде дека НАТО ја поздрави веста дека САД и Германија ќе праќаат повеќе опрема во овој дел. Амбасадорката изрази надеж дека ќе има и повеќе понуди утре од страна на земјите.

Нападите со кои се соочува Украина од вчера во повеќе градови од страна на Русија наидоа на силна осуда, но ова сепак не ја менува позицијата на НАТО во однос на инволвираноста во конфликтот, вклучително и за барањата да се затвори небото над Украина од страна на Алијансата, како што бара Киев уште од почетокот на војната.

„Сојузниците се јасни, генералниот секретар е јасен, обединет е ставот дека НАТО не треба да стане страна во овој конфликт. Ова е конфликт меѓу Украина и Русија, НАТО е дефанзивен воен сојуз, а Украина има целосно право да ја брани својата територија“, рече амбасадорката.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

Земјите сојузници испраќаат секаков вид на поддршка на терен, рече таа, воена, економска и хуманитарна.

„НАТО останува уверен дека треба да ја даде сета потребна поддршка, исто така единство има за тоа дека НАТО не треба да стане страна, така што овде нема промена на позицијата“, рече Џулиен Смит.

Таа увери дека сите 30 земји членки на НАТО се силно обединети во поддршката за Украина до крај и осудата на Русија, а во однос на одредени ставови и медиумски текстови кои сугерираат поинаку, таа рече дека секој ден се среќава со земјите членки и не насетува ни најмала разединетост.

За САД е јасно дека рускиот претседател Путин направи погрешна проценка во обидите да ги подели сојузниците. Без разлика што ќе одлучи да направи, земјите сојузнички остануваат солидарни со Украина до крајот и на повидок нема никаква промена во обединетоста, изјави Смит.

Министрите за одбрана на НАТО се состануваат утре и задутре во седиштето на НАТО во Брисел ќе им се придружат и украинскиот министер за одбрана, како и шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.

- Реклама -