Со „училишната кошничка“ заштедени од 750 до 2.000 денари по ученик

Заштеда од 750 до 2 000 денари по ученик од семејство овозможи т.н. училишна кошничка која заврши на 20-ти овој месец.

Како што рече денеска заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески, по завршувањето на есенската кошничка Владата ќе излезе со официјални податоци и за заштедата по оваа основа.

-Со училишната кошничка намалувањето на цените на производите беше околу 20 – 50 отсто или во просек од 25 до 30 проценти. Заштедата по ученик е 750 – 2 000 денари. По завршување на есенската кошничка ќе излеземе со официјален податок колкава е заштедата на една просечна фамилија за основните прехранбени и земјоделски производи, потенцира Ристески на прес-конференцијата на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

Прочитајте и:  Синдикалната кошница намалена за 965 денари во делот за храна и пијалоци во споредба со септември

Училишната кошничка беше воведена на 3 септември како економска мерка, а опфати школски чанти, прибори, тетратки, блокови, моливи и пенкала, гуми за бришење, фломастери и боици, острилки, линијари, шестари и хартија за фотокопирање, маркери, мрсни боици, акрилни, водени бои и четки, линеарни и дидактички материјали,… Целта беше продажба на овие производи по прифатливи цени за потрошувачите.

Есенската кошничка беше објавена на 20 септември, а треба да трае до 31 октомври. Се однесува на ориз, брашно, тестенини, масло, млеко, јогург, млечни производи, зеленчук и овошје,…

- Реклама -