Живееме во ера на технологија и компјутери. Моќта на социјалните медиуми е огромна. Тие можат да вмрежат, да сплотат, да споделат… Сепак, сведоци сме дека во денешното модерно општество одредени работи започнаа да излегуваат од контрола. Постепено се претворивме во робови на социјалните мрежи. Во нивни зависници. Оваа алатка која пред се е наменета да ни ја олесни комуникацијата и достапноста до одредени луѓе, идеи или корисни информации, многу корисници започнаа да ја (зло)употребуваат на еден сосема поинаков (погрешен) начин.
Нема да говориме за тоа како ние порано сме имале поубаво и поживо детство од денешните деца, бидејќи факт е дека времињата одат напред и општеството се менува заедно со него. Веројатно и постарите генерации го велеле истото за нас, како во нивното време немале ниту телевизори и си легнувале во 9 часот. Нема ниту да зборуваме за тоа како на гигантските интернет компании им сервираме најприватни детали од нашите животи на тацна, бидејќи реално, колку и да е актуелна оваа тема, досега немаме информација за некој кој посериозно се ангажирал околу овој проблем или пак бил загрозен од истиот.
Овие неколку редови ќе ги посветиме на оние, „најстрасните“ корисници, кои своите виртуелни профили ги имаат претворено во свој личен дневник.
Некои корисници се едноставно навикнати да ги „гушат“ останатите со информации за себе. Каде се, со кого, како си поминале, каков е нивниот став за одредени проблеми или настани, што прават, што јадат итн… Без разлика дали тоа ќе го пренесат преку нивниот „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Твитер“ или „Гугл +“ профил, целта е да се добие посакуваното внимание. Секако, вистински успех е доколку добие поддршка преку лајкови, позитивни коментари или пак придобијат повеќе „следачи“. Ваквите интернет зависници секогаш се трудат да се претстават во што „подобро“ светло, да го истакнат она за што сметаат дека останатите би помислиле дека е забавно, интересно или пак би им подзавидиле.
Сигурно на сите ви се случило некогаш да запознаете некоја личност чиј профил веќе сте го виделе на некоја од социјалните мрежи, и да се изненадите од неверојатната разлика во очекувањата (без разлика дали станува збор за физичкиот изглед или карактерот). Благодарение на преголемото време кое го посветуваат за да изгледаат што „подобро“ во виртуелниот свет, ваквите личности забораваат дека во овој мал град кога тогаш ќе запознаат мноштво луѓе чии очекувања за нив ќе бидат сосема поинакви.
Живееме во време на интернет револуционери, поборници, мудреци, хуманитарци, интелектуалци и експерти за се и сешто. Секојдневно ги читаме кавгите помеѓу одредени пријатели/ки, сведоци сме за раскинувањето и обновувањето на интернет врските, а од оние попосветените, несомнено дека сакале или нејќеле, ќе ги дознаеме и деталите. Одењето на „кафе и муабет“ кај некоја пријателка не се важи доколку не се „одбележи“ нивната местоположба. Секако, доколку подоцна одлучат „да си гледаат“ на кафето, ќе бидеме благовремено информирани со фотографија.
Да не бидеме погрешно сфатени, и ние уживаме кога ќе прочитаме квалитетна шега, ќе погледнеме инвентивна и необична фотографија, или ќе наидеме на супер песна. Но одредени поединци кои се опседнати со споделување на нивната приватност, детали и непотребни информации со останатите, се најчесто толку активни што е реткост да се забележат оние „повредните“.
Затоа, им упатуваме добронамерна забелешка на сите оние кои се пронајдоа во овој текст, сериозно размислете за вашите интернет навики. Во време кога секој си ги гледа сопствените проблеми и обврски, никој не се интересира и за вашите. Оние кои навистина искрено сакаат да дознаат за тоа што ви се случува, лично ќе ви се обратат за деталите. Зачувајте ја вашата приватност за вас и уживајте повеќе во реалниот живот.