Славите и имендените се приближуваат, а тоа ме поттикна да создадам оваа лесна и вкусна посна солена торта со леб. Таа е едноставна за подготовка и верувам дека ќе стане незаобиколен дел од празничните трпези. Може да се сервира како торта или да се пресече на коцки, одлуката е ваша. Како да ја подготвите? – Погледнете го видеото и следете ги насоките за рецептот.
Состојки:
– 9 парчиња бел тост леб
– 3 варени средни компири
– 5 големи кисели краставички
– 200 г мајонез
– 30 г сусам
– Листови босилек и шери домати за украсување
Подготовка:
Прво сварете ги компирите и оставете ги да се изладат неколку часа, а потоа изрендајте ги ситно. Киселите краставички исечете ги на мали коцки. Во длабок сад измешајте ги ренданите компири, сечканите краставички и мајонезот за да добиете хомогена смеса. Овој фил разделете го на два дела. Отстранете ги краевите на тост лебот и поставете три парчиња на правоаголен сад. Нанесете половина од филот и рамномерно распоредете. Следете со уште три парчиња леб, вториот дел од филот и завршете со последниот слој леб. Оставете ја тортата во фрижидер 2 до 3 часа. Потоа премачкајте со мајонез и поросете со сусам. Исечете ја на коцки или парчиња по желба и украсете со босилек и шери домати. На здравје!
Дополнителни совети:
Во филот може да се додадат и сечкани маслинки или пченка за поразновиден вкус. Ако очекувате повеќе гости, удвојте ја количината на состојките. Може да користите и XL бел тост леб за поголеми парчиња.