Солидарност во акција: 110 странци моментално се на помош во земјава за справување со пожарите

Солидарноста во акција, напиша денеска на социјалната мрежа X евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, потенцирајќи дека авиони, хеликоптери и теренци од Чешка, Германија, Словенија, Србија и Шведска им се придружуваат на партнерите во Северна Македонија, за да се борат против пожарите.

Сето ова се прави преку т.н. ЕУ-механизам за цивилна заштита, односно сета помош што во втората транша, од 31 јули ја доби државата за борба со пожарите, освен од Србија и од Унгарија, кои се со билатерални договори, доаѓа преку овој механизам.

Денеска се очекува да пристигне хеликоптер од Србија, исто така преку ЕУ-механизмот. Со ова, во втората транша, во моментов има 110 странци кои се дојдени од различни држави со различна опрема да помогнат во гаснењето на пожарите. Во првата транша, која беше од 15 до 22 јули, во земјава имаше 50 претставници од други држави.

https://twitter.com/AmbassadorEU/status/1819650749946617912/photo/1?ref_src=twsrc%5Etfw%7Ctwcamp%5Etweetembed%7Ctwterm%5E1819650749946617912%7Ctwgr%5Ea5c5ca5b7f794377bc2f96db3afead846649e309%7Ctwcon%5Es1_&ref_url=https%3A%2F%2Fmeta.mk%2Fsolidarnost-vo-akcija-110-stranci-momentalno-se-na-pomosh-vo-zemjava-za-spravuvanje-so-pozharite%2F

Можноста да се добие помош во вакви кризни ситуации, како што се пожарите, е преку билатерални договори со државите или пак преку ЕУ-механизмот за цивилна заштита, па понекогаш во јавноста се провлекува погрешен наратив дека одредени земји помагаат повеќе и почесто за разлика од други.

Земјата која дава помош одлучува на кој начин ќе ја даде истата и тоа најчесто зависи од степенот од дипломатски односи, брифираат за Мета.мк од Центарот за управување со кризи. С. Македонија, пак, како земја домаќин обезбедува сместување, гориво, исхрана и поддршка. Како дел од билатерален договор е оној со Унгарија, преку кој дојдоа 46 лица со 13 теренски возила за да помогнат во гаснењето на пожарите.

Една мисија за помош може да трае до 7 дена. Првата транша заврши на 22 јули, а потоа С. Македонија повторно го активираше ЕУ-механизмот, кој е во тек.

Што значи ЕУ-механизмот за цивилна заштита?

ЕУ-механизмот е воспоставен во пракса уште во 2001 година и досега е активиран над 700 пати за одговори на итни случаи. Механизмот е направен така што ги обединува капацитетите за одговор од сите земји на ЕУ и 10 земји-учеснички за заеднички акции за превенција и подготвеност од катастрофи. Ова значи дека покрај земјите на ЕУ, учеснички во механизмот се и Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Норвешка, Србија, Турција и Украина.

Катастрофите не познаваат граници и можат истовремено да погодат една или повеќе земји без предупредување. Да се ​​има добро координиран заеднички одговор значи дека кога ќе дојде до итен случај, тие имаат една точка на контакт. Заедничкиот пристап дополнително помага да се здружат експертизата и капацитетите на првите кои можат да реагираат, да се избегне дуплирање на напорите за помош и да се воспостави сигурност дека помошта ги задоволува потребите на засегнатите, се вели на веб-страницата на Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ (ECHO).

Механизмот, исто така, помага во координирање на активностите за подготвеност за катастрофи и придонесува за размена на најдобри практики.

„Ова го олеснува континуираниот развој на повисоки заеднички стандарди што им овозможува на тимовите подобро да ги разберат различните пристапи и да работат наизменично кога ќе се случи катастрофа“, се вели во објаснувањето за начинот на функционирање на ЕУ-механизмот за цивилна заштита.

Македонија доби офицер за врска од ЕУ за да помогне во координацијата

Механизмот за цивилна заштита на ЕУ беше активиран оваа недела за шумските пожари кои гореа низ југоисточна Европа.

Во постојаната борба против шумските пожари, Механизмот за цивилна заштита на ЕУ реагираше веднаш. Благодарен сум на земјите-членки што испратија помош – ова е солидарност на ЕУ во пракса!, рече Комесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич.

По барање за помош од земјава, Германија и Шведска мобилизираа по два авиона од флотата на спасување на ЕУ. Оваа помош ја надополнија Чешка со еден хеликоптер и Словенија и Србија со по еден хеликоптер. Дополнително, во земјава беше распореден и офицер за врска од Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ за да помогне во координирањето на одговорот во земјата.

Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ (ECHO) продолжува внимателно да ја следи ситуацијата, осигурувајќи дека понатамошната помош може брзо да се распореди доколку е потребно, се вели во вчерашното соопштение на Генералниот директорат за европска цивилна заштита и операции за хуманитарна помош.

И минатиот месец, како одговор на итните барања од Македонија за помош во борбата против тешките шумски беше активиран е Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Земјава доби еден хеликоптер од Србија, два хеликоптера од Словенија, два авиона и еден хеликоптер од Турција и авион од противпожарната флота RescEU од Хрватска.

Комисијата на ЕУ состави флота од авиони и однапред позиционирани пожарникари ова лето низ Европа. 556 пожарникари од 12 земји се стратешки поставени низ клучните локации во Европа летово, како што се Франција, Грција, Португалија и Шпанија, подготвени да им помогнат на локалните противпожарни бригади. ЕУ состави посебна флота за спасување на пожари составена од 28 авиони и 4 хеликоптери стационирани во 10 земји-членки.

Извор: https://meta.mk/solidarnost-vo-akcija-110-stranci-momentalno-se-na-pomosh-vo-zemjava-za-spravuvanje-so-pozharite/?fbclid=IwY2xjawEdiyBleHRuA2FlbQIxMQABHTNWOuzasG6yglXcsaSyDSTnq4dMVake3EIaQ9SjWa95r2sP3sithrFH1g_aem_B0IRJfAuRlJS1auh2LXaGA&sfnsn=wa

- Реклама -