Сондата InSight го испрати првото селфи од Марс (ФОТО)

Сондата InSight не се срами од камери, велат од НАСА, па ја искористиле роботската рака на лендерот за да го направат првото селфи – кое всушност е мозаик „закрпен“ од 11 посебни слики кои делумно се преклопуваат. Тоа е причината за празните (црни) делови на фотографијата, но и за тоа што не е видлива роботската рака долга околу 1.8 метри.

Видливи на селфито се соларните панели на сондата како и нејзината цела „палуба“, заедно со разните мерни инструменти.

На фотографијата подоле, пак, со виолетово е заокружена „работната површина“ непосредно пред InSight – со површина од 4×2 метри, на која сондата ќе ги постави своите инструменти. Фотографијата исто така е „закрпена“ од повеќе фотографии – 52, да бидеме попрецизни.

Во следните недели научниците и инженерите ќе имаат мачна задача да решат каде точно во оваа работна површина да ги постават инструментите. Потоа ќе ја искористат роботската рака на InSight за внимателно да ги постават сеизмометарот (Seismic Experiment for Interior Structure, ака. SEIS) и топлотната сонда (Heat Flow and Physical Properties Package, or HP3). И двата инструмента работат најдобро кога се поставени на рамна хоризонтална површина, а приоритет на научниците им е да избегнат случајно да ги постават на камења поголеми од 1.3 сантиметри.

Прочитајте и:  Curiosity испрати неверојатна панорама од Марс

Меѓутоа, отсуството на камења, ридови и дупки во околината, како што се гледа на фотографиите, е многу ветувачко за локацијата, велат од НАСА. Тешкиот дел е што е на Марс. Сепак, иако тимот на InSight намерно го избра регионот Elysium Planitia како локација за слетување, поради малиот број камења, локацијата на која слета сондата се покажа дури и подобра од очекуваното. Сондата моментално лежи (и таму ќе остане) во вдлабнатина направена од метеор и исполнета со песок. Тоа би требало да ѝ го олесни на InSight поставувањето на сондата за мерење на проток на топлина, за која е предвидено со бушење да се постави на длабочина од 5 метри под површината.

- Реклама -